Во средата беа измерени неверојатни 54 степени Целзиусови во Кувајт, што претставува највисоката измерена температура воопшто, во историјата на метеоролошките мерења.
Рекордната температура е измерена во местото Мутриба, во северозападниот дел на Кувајт. Податокот за светскиот рекорд, претставен од кувајтските метеоролози, денеска се потврдени и од Светската метеоролошка организација. Во Ирак, пак, биле измерени 53,9 степени Целзиусови, во античкиот град Басра.
Досега, рекордни температури биле измерени во ткн. Долина на смртта во Калифорнија со температура од 57,7 степени во 1913 година и либиската пустина каде биле забележани 58 степени Целзиусови во 1922 година. Но, голем дел од експертите се скептични за овие мерења, за кои велат дека не се направени според новите метеоролошки методи, па поради тоа не се целосно веродостојни.