Средношколскиот театарски перформанс „Во мој стил“ во кој учествуваат ученици од скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“, премиерно ќе биде изведен вечерва, на 5 декември, со почеток во 19 и 30 часот.
Во перформансот кој ќе се изведе во просториите на гимназијата, учествуваат учениците Андреа Каревска, Вероника Блажевска, Јана Митева, Кристијан Тодоровски, Марија Николовска и Тијана Трајковиќ.
Развојот на перформансот е на Енџи Николоска, додека дизајнот на постерот е на Габриела Смиленовска.
Учениците образложуваат дека „Во мој стил“ е перформанс кој говори за сите навики и проблеми во светот – неправди, ментално здравје, инфлација, физички изглед, технологија…
„За сите проблеми и навики. Мои. Твои. Наши. Сите сме дел од општеството и треба заеднички да се потрудиме за промена и прогрес. Нудиме решенија. Можеби не се најдобри решенија, ама се трудиме да бидеме промената во општеството и да бидеме горди, токму поради тоа. Промените кон подобро се тимска работа. Да бидеме тимот што победува, а не да се трупаат неодговорени прашања, кои ќе продолжат да нѐ вознемируваат и иритираат“, велат учениците учесници.
Тие ги поставуваат прашањата – „До кога ќе се живее во страв?“, „Кој го создава стандардот за убавина?“, „Дали постои баланс помеѓу технологијата и реалноста?“, „Има ли крај на неправдите?“ и „Дали се грижиме доволни за себе и за другите?“
Проектот е поддржан од Град Скопје во соработка со СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ и ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.