Во море од штетни производи и дезинформации, следен чекор е регулација на македонските инфлуенсери

Храна, козметика, облека, разни скриени или нескриени реклами, сомнителни производи, но и голем број дезинформации и говор на омраза што доаѓаа од некои проблематични инфлуенсери ги натераа европските земји да ги регулираат највлијателните луѓе на социјалните мрежи, пред се’ поради неможноста да се „филтрира“ она што стигнува до младите. Во Македонија, таков процес почна и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), во време кога инфлуенсерството зема замав и потребно е да се разграничи што е исправно да се пласира во интернет просторот, без притоа да се наруши медиумскиот плурализам.

Инфлуенсерството како професија носи свои одговорности, а со изложувањето пред публика на социјалните мрежи, како што велат инфлуенсерите Иван Ајнштајн и Марис Џолин и свои предизвици. Така, раскажува Иван, за првата соработка што ја имал како инфлуенсер подоцна дознал дека и самиот бил излажан, а со тоа излажал и други 350 луѓе.

„Промовирав летен камп во Грција кадешто требаше да присуствувам како специјален гостин 10 дена, за непосредно пред одење да ме известат дека ако одам мора да бидам вработен како лидер (супервизор) на група од 10 деца на кои треба константно да внимавам, што е обврска за која не сум кадарен. Tехнички излажав ~350 деца само затоа што и јас сум бил излажан. Оттогаш договорите ми бројат 10-30 страни :)“, вели тој за Радио МОФ.

Џолин активно почнала да се занимава со инфлуенсерство за време на пандемијата. Вели дека досега немала ситуација да промовира производ или услуга со која ги дезинформира следбениците, а дека доколку би имала би им открила на своите следачи. Сепак, предизвикот го гледа во тоа што инфлуенсерството е новитет.

„Најголемиот предизвик е тоа што е релативно нова професија и многу често луѓето гледаат со предрасуди на истата, ова е најчесто од страна на постарите генерации“, вели таа.

Елена Божиновска, која неодамна ја доби наградата „Emerging Europe“ за млад инфлуенсер на годината во Централна и Источна Европа, посочува дека инфлуенсерите си ја вршат својата работа како и сите нас, ако си ја сакаат работата.

„Од она што може да направат дополнително е да внимаваат какви производи рекламираат и какви се ставовите и политиките на тие компании, дали конфликтираат со општественото добро и благосостојба на луѓето. Се’ додека е производ што би го користеле и самите тие, за мене е во ред“, посочува Божиновска.

« of 2 »

Кликнете на стрелката за да ги видите и другите изјави

 

Што мислат младите за инфлуенсерите? 

Нашата мини-анкета меѓу млади луѓе покажа поделеност во однос на тоа дали тие следат инфлуенсери, а, истовремено, постои голема резерва на продуктите што ги нудат влијателните луѓе по социјалните мрежи. Воедно, младите сметаат дека од инфлуенсерите може да стигнат непроверени информации и дезинформации.

Како дезинформации ги карактеризираат и „козметичките производи“, „производи за подобра коса и нокти“, „работи за слабеење и фитнес“ – кои се шират свесно или несвесно во дигиталната зона.

 

Инфлуенсерите од Македонија ќе се регулираат за да се заштитат младите од штетни содржини

Токму ваквите искуства се причините Агенцијата за медиуми (АВМУ) да го стартува процесот за регулација на креаторите на содржини, или попознати уште и како „јутубери“ или „инфлуенсери“, со цел, меѓу другото, јавноста да има исто ниво на заштита воспоставена и при користењето на „традиционалните“ медиуми.

Правниот аспект за регулацијата произлегува од ревидираната Директива за аудиовизуелни медиумски услуги од 2018 година, која беше пренесена во последните измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во јули 2023 година.

„Регулирањето на ‘инфлуенсерите’ произлегува од потребата за заштита на основите вредности кои се својствени за медиумската регулатива како обезбедување на правила за обликување на технолошкиот развој, создавање на еднакви услови за новите аудиовизуелни медиумски услуги, зачувување на културната различност, заштита на најмладата публика и потрошувачите, заштита на медиумскиот плурализам, и борбата со говорот на омраза и лажните вести“, велат од АВМУ.

Според АВМУ, целта на регулацијата е заштита на интересите на корисниците од штетни содржини, особено на малолетните лица.

„Главниот ризик на којшто се изложени младите луѓе е што стануваат предмет на убедување од страна на омилените инфлуенсери, кои може се платени или имаат друг, затскриен мотив за споделување на информациите. Ова води до тоа децата да трошат пари на производ, игра или онлајн услуга којашто не им е потребна. Кога ќе подлежат на регулирање, ‘инфлуенсерите’ ќе бидат должни да почитуваат одредени правила и да бидат транспарентни при рекламирањето. Истовремено, тие ќе бидат предмет на регулирање и во однос на содржините кои се категоризирани како забранети или штетни (говор на омраза, порнографија, оружје, дискриминација итн)“, објаснуваат од АВМУ.

Процесот за изготвување на подзаконскиот акт, АВМУ го прави во соработка со германски експерти обезбедени преку тековен ИПА проект, кој е наменет за зајакнување на капацитетите на Агенцијата и на МРТВ.

„Поради тоа што станува збор за сосема нова законска обврска која има одредени специфики и комплексност, вработените во Агенцијата кои работат на креирање на овие акти направија темелна и компаративна анализа на легислативата на сите земји од ЕУ каде веќе се имплементирани и се применуваат ваквите законски обврски. Како најсоодветен пример за нас, би го издвоиле принципот и начинот на регулација кој се применува од страна на холандскиот регулатор“, посочуваат од АВМУ.

Радио МОФ побара какви се „правилата на игра“ за инфлуенсерите низ стариот континент. За таа потреба, ја користевме дата-базата на CreatorDB:

 

Македонските инфлуенсерите ќе имаат етички обврски за време на изборите

Освен за содржините што се категоризираат како забранети или штетни преку регулацијата, инфлуенсерите од Македонија влегоа и во Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми.

Kодексот неодамна беше изготвен на иницијатива на АВМУ, во соработка со Здружението на новинари на Македонија, Македонскиот институт за медиуми, Советот за етика во медиумите, Институтот за комуникациски студии и Фондацијата Метаморфозис. Во процесот беше користена експертска помош од ОБСЕ/ОДИХР.

 

Треба прифаќање на онлајн светот, но и одговорен дигитален живот

За потребата од кодекс за инфлуенсерите неодамна на панел-дискусија зборуваше Огнен Јанески, кој е често активен на социјалните мрежи. Тој посочи дека оној што користи социјални мрежи, дали приватно или професионално, треба да знае на која публика се обраќа и за кого создава објави.

„Кога зборуваме за инфлуенсерството, мора да зборуваме за оригинална содржина, но некогаш таа автентичност поради несоодветното, или лошото образование и недостатокот на воспитната дејност во образовниот систем – преминува кон ‘темната страна’. Односно, се доаѓа до толкаво упростување на содржина, што вашата автентичност се заснова на простотилак и вулгарност. Со тоа имаме проблем. Јас немам проблем со социјалните мрежи. Не го гледам онлајн светот како нешто што од кое ‘мораме да се одбраниме’“, посочи Јанески.

Според него, благодарение на онлајн просторот и одредени инфлуенсери, денеска имаме прифаќање на различностите. Истовремено, нагласи тој, „во секоја добро обработена градина и убаво искосена трева има и плевел кој треба да се третира“.

„Инфлуенсерството сериозно се гледа како засебна професија и е дури поплатено од нас (новинарите, водителите н.з.). Затоа треба одговорност, бидејќи, пример, постои рекламирање на лоши и штетни по здравје – диети. Рекламирање на сокови, чудни производи… отидовме дотаму што и индустриите за алкохол и тутунски производи си го најдоа своето место за рекламирање токму преку инфлуенсерите и социјалните мрежи. Затоа не смееме да го игнорираме овој простор“, потенцираше Јанески, кој е и амбасадор против говорот на омраза за Западен Балкан.

Илустративно фото: Envato

Тој напоменува, долги години работи со медиуми и имал можност да го научи однесувањето, кодексот, моралноста, она што е правилно, што не е правилно. Притоа, да учи од луѓе кои му ги пренесувале таквите вредности.

„Истите принципи, истите начела треба да се применуваат и во инфлуенсерството. Затоа што, вие не може пренесувате диета, без да истражите дали постојат анализи за влијанието врз различни возрасни категории, дали таа диета има некакви негативни последици. Тоа мора да го сфатат инфлуенсерите, дека она што го прават во онлајн просторот директно влијае не само врз психолошкиот, туку и врз физичкиот развој и здравјето на луѓето“, дециден беше Јанески.

„Ако ги ставиме инфлуенсерите на црната листа – ќе предизвикаме уште поголем отпор“

Клаус Даман, програмски директор за Западен Балкан на Дојче Веле, чии програми се фокусираат на медиумска и информациска писменост во повеќе од 30 земји, посочува дека е важно да има заемно разбирање меѓу помладите и постарите генерации. Притоа, да се создаде генерациски пренос на знаења и вештини.

Тој за Радио МОФ вели дека Дојче Веле Академија ја следи јутјуберската сцена од 2017 година, кога се фокусирале на медиумските содржини за млади со програмата „Young Media“. Сцената на Балканот веќе беше една од најразвиените во светот, со долга традиција на BalkanTubeFest. Сепак, токму во Србија – каде што е важното јадро – имало загрижувачки конфликти и тоа во сфера што ја следи навистина млада публика, главно 6-14 години.

„Многу возрасни – родители, како и наставници – немаа поим што гледаат децата, на каков говор на омраза, особено кон жените, се изложени овие деца. Собравме неколку јутјубери и ги прашавме дали имаат креативни идеи за да започнеме социјална дискусија за сето ова – па тие предложија рап музика со хумористичен текст. Така се создадени два клипа, ‘Clickbait’ и ‘Drama’, и двата по неколку дена соборија милион прегледи, а сега достигнаа речиси 3,5 милиони. Денес, свеста за говорот на омраза на социјалните мрежи е на многу повисоко ниво, особено во Србија. Мал експеримент – голем ефект“, посочува Даман.

На прашањето дали јутјуберите, инстаграмџиите, блогерите не треба да се гледаат како дел од проблемот, туку како дел од решението – тој одговара со прашање: „која би била алтернативата“?

„Само со работа со оние во сцената кои се заложуваат за етички стандарди можеме да постигнеме значителен напредок. Ако ги игнорираме, ако генерално ги ставиме инфлуенсерите на црна листа, ќе предизвикаме уште поголем отпор“, дециден е Даман.

За него апсолутно нема сомнеж дека инфлуенсерите со своите вештини можат да станат и обучувачи за медиумска и информациска писменост.

„Ова е нашето искуство: Прво одржаа обуки за млади луѓе на оваа тема. Утврдивме дека не само што имаат голем кредибилитет кај младите, туку и широко знаење. Во меѓувреме, некои од нив дури обучуваат новинари за креирање видео и содржини на социјалните мрежи за млади луѓе“, нагласува Даман.

Продолжува…

*Првиот дел од серијалот теми за дезинформации може да се прочита ТУКА, а третиот ТУКА.
*Сторијата е изработена од Радио МОФ во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје. 

Бојан Шашевски и Ангела Бошкоска
Техничка обработка: Мартин Колоски