Откако „Старбакс“ целосно се повлече од рускиот пазар, вчера во Москва започна со работа домашниот ланец на кафулиња „Старс кафе“ кој треба да претставува замена за познатата американска компанија.
Според новиот сопственик на ланецот кафулиња Тимур Јунусов, следната недела ќе бидат отворени уште 10 кафулиња, а до крајот на септември ќе има вкупно 130 кафулиња.
Повеќето од кафулињата, 90 од 130 ќе даваат услуги во Москва, околу 15 во вториот по големина град во Русија, Санкт Петербург, а останатите во другите региони.
Кон крајот на јули, руските бизнисмени Тимур Јунусов и Антон Пински го купија синџирот „Старбакс“, откако американските сопственици донесоа одлука да го напуштат пазарот поради руско-украинската војна што започна на 24 февруари.
Првото кафуле „Старбакс“ во Русија е отворено во 2007 година, а до 2022 година низ земјата работеа повеќе од 100 кафулиња.