Изложбата „Голем формат II“ oд колекцијата на Музејот на современата уметност Скопје ќе биде отворена за посетители од утре (вторник) и ќе трае до почетокот на јуни.
Се работи за изложба на дела од колекцијата, од македонски и странски автори, која се однесува на односот на уметничкото дело во релација со архитектонскиот простор и набљудувачот.
На неа ќе бидат претставени дела од 9 автори со уметнички дела во голем формат (слики, инсталации и скулптури).
Селекцијата на дела од колекцијата на МСУ ја направи кустос, Благоја Варошанец.
„Како го перцепираме форматот во уметноста? Огромен пластичен сладолед, огромни кучиња од бaлони, долги ролни од насликани платна или едноставно зголемени фото-портрети насликани на згради низ целиот свет се некои од примерите, каде димензијата во изразот е доминантен елемент во естетиката на уметничките дела. Форматот се однесува на големината на објектот во однос на друг објект, и не ретко може да биде еден од принципите на организација на визуелните и структурните елементи во уметноста. Форматот во уметноста не се однесува само на големината на уметничкото дело, туку е релационен принцип за односот кон предметите или односот кон човечкото тело. Релациската естетика стои во основата на уметничко дело, а корпореалноста или просторната компонента може да се сметаат како мерки кои го дефинираат или се во сооднос со големината или перцепцијата на делото“, истакнува Варошанец.
Во третата изложбена галерија од музејот изложени се дела од Могенс Андерсен, Елизабета Аврамовска, Жанета Вангели, Бернхард Гарберт, Рене Дивије, Исмет Рамиќевиќ, Петар Хаџи Бошков, Анџело Титонел и Симон Шемов.