На целата територија на Националниот парк „Шар Планина“ нема да смее да се градат нови хидроцентрали, да се копаат рудници и да се прават геолошки истражувања, ниту пак ќе смее да се поставува инфраструктура за гасовод. Забрането во сите зони на управување ќе биде и одгледување на алохтони и инвазивни растенија и животни, предвидува Нацрт-планот за управување со Националниот парк, кој беше презентиран денеска, јавува „Мета“.
Во строго заштитената зона на Шара нема да смее ниту да се градат куќи и патишта, да се возат моторни возила, ниту пак да се гради инфраструктура, да се берат растенија или да се отвораат рибници.
Во Нацрт-планот за управување со Националниот парк „Шар Планина“ покрај зоните на заштита и активностите кои ќе бидат дозволени, уредени се и потенцијалите и можностите за одржлив развој на подрачјето. Предвидени се над стотина активности во повеќе области кои ќе можат да се реализираат. Буџетот за финансирање на паркот, според Нацрт верзијата на Планот за управување, е еден милион евра за функционирањето на самиот парк и два милиони евра за имплементација на активностите од програмите и научните истражувања.
Даниел Богнер, експерт за управување со заштитени подрачја, посочи дека се работи за техничка алатка за управување со националниот парк, која се базира врз основа на законот за заштита на природата и стандардите на IUCN.
„Во изработката на планот беа консултирани голем број на експерти и сите заинтересирани и засегнати страни. Една од главните активности беше зонирањето на паркот и определување на дозволените и забранетите активности. Дефинирани се и главните ризици и закани за националниот парк, како што се големиот број на илегални активности кои се случуваат на ова подрачје“, посочи Богнер.
Меѓу најголемите закани за природата и биодиверзитетот на Шара се сечата на дрва, отпадот, големата фрекфенција на моторни возила во сите зони, собирањето шумски производи, како и појавата на папрат како резултат на запуштање и обраснување на напуштените земјоделски подрачја. Една од клучните активности, според Богнер, е финансиската одржливост на паркот, за која се надева дека нема да треба да се прави од сечата на шуми, како што е случај со другите вакви подрачја.
Границите на националниот парк се поделени на четири зони, на строга заштита, активно управување, одржлив развој и зона на заштитен појас.
Целта на зонирањето и интегрираното управување со заштитените подрачја е да се обезбедат услови неопходни за одржување на еколошките процеси и биолошката разновидност, да се создадат услови за развој на туризмот во согласност со принципот на одржлив развој и остварување културни, научни, образовни и рекреативни цели, што истовремено ја одржува и природната состојба на подрачјето.
Во националниот парк, според новиот План за управување, забранети ќе бидат активности што ги загрозуваат природните вредности, а дозволени се туристички и рекреативни активности и одржлива употреба на природните ресурси, на начин кој не ги загрозува живеалиштата, видовите и нивната природна рамнотежа.
Во целиот национален парк нема да смее да се градат нови хидроцентрали, да се копаат рудници и да се прават геолошки истражувања, ниту пак ќе смее да се поставува инфраструктура за гасовод.
Во зоната на строга заштита, пак, е забрането да се собираат плодови и растенија, пчеларењето, риболовот и отворањето рибници, градење објекти за испаша на животни како и изградба на патишта и друга инфраструктура.
Во најзаштитената зона нема да смеат да се градат ниту хидроцентрали, ниту пак друг вид на инфраструктура за обновливи извори на енергија, куќи, хотели, ски лифтови, ниту пак ќе смеат да се движат моторни возила или да се кампува. Скијањето и ски лифтовите, како и патеките за велосипедизам ќе бидат дозволени само во заштитниот појас.
Според Нацрт-Планот, во зоната на строга заштита ќе може да се врши испаша на добиток и да се одржуваат веќе постоечките објекти, но не и да се градат нови. Ќе може и да се пешачи и планинари, да се јаваат коњи или да се проведуваат некои спортски активности кои ќе ги доволи управителот на паркот. Може да се поставуваат и инфо табли и видиковци од природни материјали.
Според Ана Чоловиќ-Лешоска од „Еко свест“, со документот ќе треба попрецизно да се ограничи и ловот како активност во целиот национален пак, а покрај забраната за изградбата на нови хидроелектрани, ќе треба да се дефинира и одржувањето на веќе постоечките објекти.
По првата презентација пред јавноста, Нацрт-документот ќе биде достапен за коментари до 12 Ноември, а потоа ќе биде финализиран и доставен до UNEP и Министерството за животна средина и просторно планирање.