До крајот на февруари 2017 година треба да заврши проектот на Институтот за истражувањето на образованието од Варшава и Министерството за образование и наука на РМ за поддршка на модернизација на системот за постсредно образование, пренесе МИА.
Целта на проектот е да го поддржи развојот на човечките ресурски преку модернизација на системот за образование и наука, а со посебен фокус на постсредното образование, за што ќе се ажурираат стратешките документи и ќе се ревидира законодавството во областа на Националната рамка за квалификации.
За потребите на проектот, во наредните шест месеци тим од 16 експерти од полскиот Институт и од други земји од ЕУ, а во соработка со МОН, ќе ги посетуваат средните училишта и ќе одржуваат состаноци, работилници, обуки, советување… Целта на посетите и разните активности е да се подигне свесноста за овој сегмент, односно вклучување на сите засегнати страни да придонесат за заживување на постсредното образование.
Вкупниот буџет на проектот, кој денеска беше презентиран во ЕУ Инфо центарот, е 250.000 евра, од кои 85 отсто се од Европската унија преку ИПА-програмата, а 15 проценти се национално кофинансирање.