Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири во јули годинава најави дека согласно новата концепција за основно образование се опремуваат кабинетите по историја и географија во основните училишта. Како што соопшти Шаќири тогаш, нови историски и географски мапи, глобуси, макети на сончевиот систем и други нагледни материјали требаше да пристигнат во училиштата во септември, на почетокот на новата учебна година.
Иако Министерството за образование и наука (МОН) се пофали дека сите основни училишта во државава ќе добијат комплетно опремени кабинети за историја и географија во Македонија сѐ уште има училишта кои немаат одделни кабинети за овие предмети.
Таков е примерот со Основното училиште „Братство Миѓени“ во Тетово. Во градот постојат два училишни објекти со ова име, Радио МОФ разговараше со управата на дислоцираниот објект во близина на Спортскиот центар.
„Не се опремени никакви кабинети. Нема да има кабинети, односно досега немаме добиено најава од Министерството за образование и наука за такво нешто“, изјавија оттаму.
Сепак, како што ни кажаа, добиле нагледни материјали како карти, глобуси и макети и друга опрема.
За опремување на кабинетите со материјали за историја и географија најава не добиле ниту од Основното училиште „Ванчо Прке“ во Штип.
„Имаме кабинети и по историја и по географија, ама наставниците сами ги уредуваат. Помош од Министерството немаме досега добиено. Сета опрема ја снабдуваме ние како училиште“, изјави директорот Кокан Радев и додаде дека сѐ уште немаат добиено најава од МОН дали евентуално ќе има реновриање на кабинетите.
Тој сподели дека нагледни материјали добиле лани за предметот природни науки, но сѐ уште нема трага од ново најавените нагледни средства.
Во Основното училиште „Владо Тасевски“ во Скопје нагледни материјали се донесени уште од минатиот мај, а истовремено, како што кажа директорката Викторија Кочевска, кабинетите се целосно опремени.
„Во кабинетите има нови столчиња, маси, умивалници, наше беше само да ги организираме и да спроведеме одвод за користење на чешмите кои им требаат на учениците по изведување експерименти“, рече Кочевска.
Слично е и во подрачното училиште „Славко Лумбарковски“ во битолското село Бач од каде одговор ни даде наставникот по Историја, Васко Гичевски.
„Сега само што ја оставив картата по историја“, рече Гичевски во телефонскиот разговор, додавајќи дека се изненадил и самиот, но годинава добиле наставни средства и повеќе отколку што нарачале.
„Кај нас има кабинет, па ќе го опремиме во следниот период, бидејќи средствата стигнаа пред некое време, па додека почнеме со работа ќе се направи“, посочи наставникот.
Материјали во мај добиле и во Основното училиште „Васил Главинов“ во Велес, и како што рече заменичката на директорот, Весна Крлева Глочкова, кај нив биле доставени повеќе отколку што им треба.
„Има кабинети за историја и географија. Секоја дополнителна понуда за нивно опремување е добредојдена. Иако тие сега се во одлична состојба, сѐ што ќе влезе ново е одлично. Засега не сме добиле таква најава во облик на мејл или усно ветување, меѓутоа ако има најава очекуваме“, рече Крлева Глочкова и додаде дека кабинетот за Природни науки бил реновиран лани и целосно опремен со мебел и довод.
Покрај најавата за нагледни материјали, министерот Шаќири на првиот ден од оваа учебна година изјави и дека ќе има и целосно нови учебници за трето и шесто одделение, од кои најголемиот дел ќе се испорачаат пред стартот со наставата, а помал дел во текот на септември. Учебната година почна без ниту еден учебник за учениците кои годинава тргнаа во овие одделенија, а недостасуваат учебници и по други предмети во другите одделенија. Од МОН се изјаснија дека причината за тоа е комплексниот процес на изработка на еден учебник.
Како што информираше Комисијата за спречување и заштита од дискриминација од вкупно 126 учебници по различни задолжителни и изборни предмети недостасуваат 43 учебници или 34%. За ова Комисијата вчера одлучи да поднесе тужба против МОН за заштита од јавен интерес за заштита од дискриминација.
Ангела Бошкоска