Мумија за која се проценува дека е стара најмалку 800 години е пронајдена на централниот брег на Перу, изјави еден од археолозите кои учествуваа во ископувањето, јавува „Радио Слободна Европа“.
Археологот Питер Ван Дален Луна од националниот универзитетот Сан Маркос изјави дека мумијата чиј пол не е идентификуван, е откриена во регионот Лима.
„Главната карактеристика на мумијата е тоа што целото тело беше врзано со јажина и дека рацете го покриваа лицето, што би било дел од локалната традиција на погребување“, рече Луна.
Тој додаде дека ова се посмртни останки на личност која живеела во високиот андски регион на земјата и дека радиојаглеродното датирање ќе даде попрецизна хронологија.
Мумијата е пронајдена во подземна градба на периферијата на градот Лима. Во гробницата имало и подароци, вклучувајќи керамика, остатоци од зеленчук и камени алатки.
Во Перу има стотици археолошки локалитети кои припаѓаат на култури кои се развивале пред и по империјата на Инките.