Поради дефект на внатрешната инсталација во Студентскиот дом „Стив Наумов“, студентите во една од четири згради остана без топла вода, а во две згради нема парно греење, потврдија од Државниот студентски дом-Скопје.
„Во постојана координација сме со екипите на БЕГ, се работи интензивно на терен за итно отстранување на дефектот и во рок од два дена, односно во петок студентите сместени во студентскиот дом ќе имаат и топла вода и парно греење“, соопштија од ДСД Скопје.
Студенти од домот пред два дена излегоа на протест, поради тоа што иако е ладно, немаат парно и топла вода веќе две седмици. Се жалеа дека со недели не можат да се избањаат.
„Цевките од парното две недели стојат во дворот, раскопано е, но никој не работи. Не можеме веќе вака“, се пожалија тие.
Вината, за надлежните, е во наследената катастрофална состојба во домовите од претходното раководство. Ги уверуваат студентите дека условите за живот и учење во студенстските домови ќе станат подобри. Ветувањата се бројни – од ново мени и реновирање на кујната во „Гоце Делчев“, нови кровови во „Стив Наумов”, па се до поставување видео надзор за поголема безбедност на студентите, но и јавни набавки каде ќе се бара исполнување на највисоките ИСО и ХАСАП стандарди.
[Фото] Дворот на женската зграда во „Стив Наумов“ затрупан во стар мебел
-Доколку и овојпат ветувањата во врска со проблемите се празни, од следната недела повторно ќе го израземе нашето незадоволство со мирен протест, порачаа студентите.