Иницијативата Граѓаните за Македонија во петок (26 мај) повикува на мирен граѓански собир именуван „Правда за Владо“ пред судот во Скопје. Целта на собирот е граѓаните да се солидаризираат и да му се даде поддршка на наставникот Владо Димовски, кој, како што велат, покрена тужба против неправдата.
„Драги пријатели/ки и борци/ки за правда и демократија, граѓанскиот активист и наставник Владо Димовски пред неколку месеци беше неправедно отпуштен (со отказно решение пред истек на договор) од неговото работно место во ОУ ‘Алија Авдовиќ’, Општина Студеничани. Отказот е доделен од политички причини, поради критиките на Владо кон лошите образовни политики и поради неговото учество во граѓанските протести на Шарената револуција. По тој повод, нашиот соборец покрена судска тужба против ваквото неправедно отказно решение“, стои во повикот за собирот.
Судењето е во петок во 10:45 часот во Основен суд 2.
Инаку, Радио МОФ веќе објави тема околу случајот со наставниот Димовски, кој воедно е и генерален секретар на невладината организација „Центар за меѓуетничка толеранција“. Тој во февруари рече дека се пожалил на повеќе места, а покренал и тужба врз повеќе основи – неправедно отпуштање, мобинг, дискриминација и одбиено барање за трансформација. Од друга страна, директорот на ОУ „Алија Авдовиќ“, Кенан Имери тврдеше дека обвинувањата на Димовски се сосема неосновани.