Околу 500 лица живееле со ХИВ во Македонија на крајот на 2020 година, а бројот на лица со ХИВ што не се свесни за својот статус се движи во опсег од 105 и 243.
Дополнително, во последните 5 години во Македонија се дијагностицирале во просек 45 лица со ХИВ годишно, а според проценката, 34% проценти од вкупниот број лица што живеат со вирусот во Македонија не се свесни за својот ХИВ-позитивен статус.
На крајот на 2020 г. во Македонија со ХИВ живееле вкупно околу 500 лица, а овој број би можел да се движи во опсег од 437 до 575 лица. Бројот на лица со ХИВ што не се свесни за својот статус се движи во опсег од 105 и 243.
На крајот на 2020, 332 лица со ХИВ или 66% од вкупниот проценет број на лица што живеат со ХИВ биле дијагностицирани, 299 лица или 90% од дијагностицираните веќе примале терапија, додека кај 282 лица, односно 94% од оние на терапија вирусот во крвта бил целосно потиснат.
Од вкупно 225 новорегистрирани случаи со ХИВ во последните 5 години, дури 48% биле откриени во доцен стадиум на инфекцијата, а 21% во многу напреден стадиум.
Според извршеното моделирање, просечното време поминато од моментот на инфицирање со ХИВ до моментот на дијагнозата изнесува околу 5 години.
Овие податоци беа презентирани во рамки на анализата што ја спроведе Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ –„Заедно посилни“ во соработка со експерти од земјава и од надвор.
Наодите укажуваат дека најголем проблем во националниот одговор кон оваа епидемија е токму недоволното тестирање.
Наспроти тоа, земјава ги постигнала глобалните цели до 2020 во однос на пристапот до антиретровирусна терапија, при што најмалку 90% од дијагностицираните лица ја примаат оваа терапија, а дури 94% од оние на терапија целосно го потиснале вирусот во своето тело.
Потиснувањето на вирусот кај што поголем број лица со ХИВ е клучно за конечно да се стави крај на епидемијата на ХИВ до 2030 година, бидејќи терапијата спречува вирусот да биде пренесуван понатаму.
Она што загрижува е високиот процент на лица откриени во доцен стадиум на ХИВ-инфекцијата.
„Од вкупно 225 нови случаи регистрирани во последните 5 години, дури 48% биле дијагностицирани доцна, а 1 во 5 лица во многу напреден стадиум на инфекцијата. Апелираме дека секој сексуално активен човек е пожелно да направи ХИВ-тест одвреме-навреме. Секој може да биде засегнат од овој вирус, и покрај фактот што одредени групи население се поранливи“, изјави Андреј Сених, извршен директор на Здружението „Заедно посилни“.
Тој додава дека потребно е да се нормализира односот кон ова заболување, бидејќи стигмата и дискриминацијата врз основа на ХИВ-статус се неприфатливи во 2021 година и спречуваат во напорите да ставиме крај на СИДА до 2030 година, додава тој.
„Буџетот на Програмата за ХИВ за 2022 година ќе се зголеми од 87,7 на 125 милиони денари, што се однесува како на обезбедувањето антиретровирусна терапија за пациентите со ХИВ, така и на мерките за превенција што ги спроведуваат здруженијата“, изјави министерот за здравство, д-р Венко Филипче.
Под слоганот „Вирусите не дискриминираат, луѓето – да!“, денес, по повод Светскиот ден на СИДА, „Заедно посилни“ организира неколку културно-уметнички активности.
Покрај јавните танцови настапи на фреквентни локации во главниот град, во 19 часот ќе биде откриен мурал во Кинотека посветен на големиот музичар Фреди Меркјури, кој почина како последица на СИДА пред точно 30 години.
Во 19:30 ќе биде прикажан филм за неговиот живот, а одбележувањето на овој ден ќе заврши со добротворен настан со почеток во 21 во Кинотека.