Грчката полиција направи рација на универзитетски кампус во Атина поради сомнеж за продажба на дрога и учество во вооружени грабежи, пренесува „Евроњуз“.
Најмалку едно лице е повредено, додека околу 32 лица биле уапсени во кампусот на Националниот Технички Универзитет во Атина, објавила локалната полиција.
Осомничените не биле студенти, но наводно ги користеле старите студентски соби на кампусот за да складираат оружје, дрога и пари.
„Тие го користеле кампусот како скривница во која организирале грабежи и продажба на дроги“, изјавил Димитрос Давалос од атинската полиција.
Еден од осомничените бил хоспитализиран поради повреда од огнено оружје, поради наводен напад на полицајка, истакнале од полицијата.
Полицијата информирала дека заплениле огнено оружје, ножеви, но и кокаин, марихуана и опрема за производство на дрога.
Рацијата, во која била изведена од страна на полициски специјални сили и членови од одделот за антитероризам се случила минатиот вторник.
Операцијата одново ги стави во фокус контроверзните мерки за воведување универзитетската полиција, за која студентите излегоа на протести.
Претходно со децении, на полициските службеници им беше забранет пристапот на кампусите, освен со специјална дозвола добиена од универзитетските авторитети.
Левичарската опозиција и нејзините приврзаници ги обвинија грчките власти дека ги злоупотребуваат рациите за да го оправдаат полициското присуство на кампусите.