Италијанската полиција вчера соопшти дека уапсила 12 лица, вклучително и лидери на екстремната десничарска партија „Форца Нуова“, по немирите во Рим претходниот ден поради владините мерки со кои здравствената зелена пропусница ќе биде задолжителна за сите работници.
Илјадници луѓе излегоа на улиците на италијанската престолнина во саботата за да се спротистават на мерката. Некои се обидоа да ги пробијат кордонот на полицијата што ја обезбедуваше канцеларијата на премиерот Марио Драги, додека одделна група упадна во седиштето на синдикатот ЦГИЛ и ги демолираше канцелариите.
Премиерот Драги пред неколку месеци ја претстави пропусницата која докажува дека нејзиниот сопственик примил барем една доза вакцина, има негативен тест или неодамна оздравел од Ковид-19, со цел да се сузбие заразата и за да ги поттикне луѓето да се вакцинираат.
Сертификатите првично беа потребни за влез во културни и рекреативни простори, но нивната употреба постепено се прошири. Минатиот месец владата ја направи пропусницата задолжителна за сите работници.
Досега во Италија се вакцинирани повеќе од 80 отсто од лицата постари од 12 години.
Според системот за зелени пропусници за работници, прифатен од синдикатите, работникот кој нема да има здравствен сертификат од 15 октомври ќе биде суспендиран и нема да прима плата, но исто така не смее да биде отпуштен.
„Тоа беше напад на фашистички одред и е неприфатливо“, рече претседателот на ЦГИЛ, Маурицио Ландини.
Нередите беа осудени од многу лица, вклучително и Матео Салвини и Џорџа Мелони, водачи на десничарската Лига и партијата Браќа на Италија.
Полицијата соопшти дека на антиваксерските протести биле повредени 38 полицајци.