Под насловот „Во ритамот на македонските традиционални занаети и креации“, утре во „Јавна соба“ од 10 до 17 часот ќе се одржи базар во организација на здружението „Добредојде“ Macedonia Welcome Centre.
„Се ближат новогодишни и божиќни празници! А ова е одлична можност да се подарат прекрасни и уникатни ракотворби, призводи од македонски занаети, уметности, креации – рачно плетени производи за деца и возрасни, рачно плетени дамски чанти, персонализирани чанти и шапки, плетени детски играчки, производи за домаќинство, новогодишни украси, производи од стакло, восок, рачно изработен накит, филигран и многу други уникатни производи“, се посочува во најавата за базарот.
На базарот, покрај редовните учесници, како што велат организаторите, учество ќе земат и корисници на проектот Платформа за женско семејно претприемништво со поддршка на Амбасадата на Словенија. Тие со поминати четири месечни обуки на мануелни вештини – шиење, плетење и везење успеаја да подготват производи и дизајни, кои ќе бидат изложени на базарот и модната ревија.
Според организаторите, ова е уникатен настан, спој на македонската традиција и женското претприемништво.