Во Руанда е пронајден критично загрозен вид лилјаци кои не се видени во последните 40 години, а „неверојатното“ откритие ги воодушеви научниците кои се плашеа дека е веќе изумрен, пренесува Гардијан.
Но, лилјакот од видот Rhinolophus hillorum всушност сè уште се одржуваше во живот во шумата Нјунгве во Руанда – густа прашума која е дом на загрозените планински горили.
Немаше информации за популацијата на цицачите и Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) во 2021 година ги наведе како критично загрозени.
Повторното откривање на изгубениот вид „беше неверојатно“, вели Џон Фландерс, директор на Интернационалната организацијата за зачувување на лилјакот.
„Зачудувачки е да се помисли дека ние сме првите луѓе што го виделе овој лилјак во толку долго време“, рече тој.
Непрофитната организација со седиште во Тексас соработуваше со Одборот за развој на Руанда и Здружението за зачувување на дивиот свет на Руанда за да спроведе истражувања во џунглата почнувајќи од 2013 година.
Во 2019 година, по 10-дневна експедиција која ги пребаруваше пештерите во шумата, научниците го пронајдоа лилјакот.
„Веднаш знаевме дека лилјакот што го фативме беше необичен и извонреден“, рече главниот научник на организацијата, Винифред Фрик.
„Карактеристиките на лицето беа претерани до точка на комично“, посочи тој.
Но, им требале уште три години за да го потврдат неговиот вид.
Суштествата на ноќта долго време беа озлогласени како носители на болести, особено со пандемијата на коронавирус откако научниците рекоа дека Ковид-19 најверојатно потекнува од животните.
Од малиот лилјак-бумбар од два грама до џиновската филипинска летечка лисица со распон на крилјата од 1,5 метри, лилјаците сочинуваат една петтина од сите копнени цицачи.
Околу 40% од 1.321 вид проценети на црвената листа сега се класифицирани како загрозени.
Човечките дејствија, вклучително и уништувањето на шумите и губењето на живеалиштата, се виновни за тоа.
За истражувачите во Руанда, неверојатното откритие го означува почетокот на нова трка за спас на некогаш изгубениот вид од повторно исчезнување.
„Сега нашата вистинска работа почнува да откриваме како да го заштитиме овој вид понатаму во иднината“, рече Фландерс.