Започна вакцинацијата на животни против коронавирусот во Русија, изјави денеска советничката на директорот на Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор Јулија Мелано, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Таа прецизираше дека вакцинацијата на домашни миленици започна во неколку руски области.
„Првите испораки на единстнвената вакцина против коронавирус за животни во светот ‘Карнивак-Ков’, развиена од руски научници, пристигнаа во руските градови, со цел да се спречи ширењето на заразата меѓу животните“, рече Мелано.
Во март, Русија објави дека ја регистрирала првата вакцина против Ковид-19 за животни, откако тестовите покажале дека таа создава антитела против Ковид-19 кај кучиња, мачки, лисици и куни.
Вакцината е развиена од Федералниот центар за благосостојба на животните и Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор.
Светската здравствена организација претходно изрази загриженост за пренесувањето на вирусот меѓу луѓето и животните.
Производителот на вакцината рече дека таа ќе може да ги заштити ранливите животински видови и да спречи вирусни мутации.
Русија досега има развиено три вакцини за луѓе, од кои најпознатата е „Спутник В“, додека другите две се „ЕпиВакКорона“ и „КовиВак“.