Во сабота цело Скопје ќе остане без вода за да се санира дефектот во Карпош 4

Дванаесетти ден по ред, во населбата Карпош 4 истекуваат стотици кубици питка вода поради дефект на улицата „Никола Парапунов“. Дефектот е на само неколку метри од објект токму на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје. За да се санира, од претпријатието велат дека треба да се исклучи водата за целиот главен град и тоа најавуваат дека ќе се случи во сабота, 21 декември 2024 година, пишува новинската агенција Мета.

Инаку, големото количество питка вода што истекува во Карпош 4 се движи надолу по улицата „Никола Парапунов“, врти лево кон улица „Разловечко Востание“ и на крај завршува во атмосферска канализација на улицата „Вич“.

Дефектот е на само неколку метри од објект токму на ЈП „Водовод и канализација“ | Фото: Мета.мк

Точно 11 дена откако се случи дефектот во Карпош 4, ЈП „Водовод и канализација“ објавија детали преку пост на социјалната мрежа Фејсбук. Велат, оперативниот план за санација бил сложен: дефектот е на затварач со дијаметар од 70 см, а при неговата санација од Водовод планираат да санираат уште три затварачи со дијаметар од 160 см од кружниот тек во општина Ѓорче Петров до крстосницата на бул. „Партизански одреди“ со ул. „Никола Парапунов“. За да се направи тоа, како што тврдат од Водовод, мора да се сопре водата за целиот град.

Понатаму, во својот пост на Фејсбук, од „Водовод и канализација“ тврдат дека затварање на вода на главниот градски вод Ф1600мм се правело еднаш на педесет години, а последно такво затварање, според нив, се случило во 1991/1992 година за реализација на водоводен приклучок на бунарското подрачје Лепенец.

Но, тоа не е сосема точно и прецизно. На 10 февруари годинава, ЈП „Водовод и канализација“, исто така на Фејсбук, најави затворање на водата за цело Скопје поради интервенција на главната водоводна цевка Ф1600мм во Рашче.

Истата вечер, од претпријатието испратија ново соопштение во кое негираа оти водата ќе биде сопрена и обвинија дека „неовластени лица“ објавувале „неточни и непроверени информации“ токму на Фејсбук страната на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. За воља на вистината, откако голем дел од граѓаните наполнија резерви на вода за пиење следниот имаше намален притисок на водоводната мрежа.

Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје најавуваат дека за да се санира дефектот мора да се исклучи водата за цело Скопје и тоа ќе се случи во сабота, 21 декември 2024 г. | Фото: Мета.мк

Во скорешниот пост на Фејсбук на јавното претпријатие се најавува дека со новиот зафат во сабота, 21 декември, ќе се намалат загубите на вода, кои патем изнесуваат повеќе од 60 проценти.

„Системска промена на 5 децении стари затварачи и рехабилитација на хидротехничката опрема е потребна со цел зголемување на трајноста на водоводната мрежа и подобрување на нивото на притисок во водоводната мрежа“, велат  од ЈП „Водовод и канализација“.

Оттаму потенцираат оти главниот цевковод ќе биде затворен на 21.12.2024 година, и ќе остане затворен до завршување на интервенцијата. Замолуваат за трпение и повикуваат на разбирање од страна на граѓаните.

Инаку, на улицата „Никола Парапунов“ последен пат се вршени работни активности од страна на ЈП „Водовод и канализација“ на 28 ноември годинава, кога на водоводната мрежа е приклучуван нов објект со цевка со дијаметар од 150мм.

Мета.мк