Здружението „Антика“ и Институтот за класични студии при Философскиот факултет во Скопје организираат LI Републички натпревар по класични јазици за учениците од гимназиите и средните училишта од Република Северна Македонија кој ќе се одржи на 11 мај (сабота) во просториите на Философскиот факултет во Скопје со почеток во 10.30 часот.
Учениците се натпреваруваат во две категории според степенот на изучување на јазикот и според струката: почетно ниво за гимназија и здравствена струка. На овогодинешниот републички натпревар ќе земат учество 61 ученик од вкупно 16 училишта од Македонија – 48 ученици од гимназиско образование и 13 ученици од здравствена струка.
Натпреварите финансиски ги поддржува Философскиот факултет. Во организацијата активно учество земаат и студентите од Институтот за класични студии.
Како и секоја година, за време на натпреварите, здружението „Антика“ ќе го одржи своето Годишно собрание.
Здружението „Антика“ постои од мај 2001 година. Тоа е здружение на професионалци и студенти кои се занимаваат со истражување, унапредување на образованието и наставата по класичните јазици и литература, преведување на дела од класичните автори, негување на античкото наследство во Република Македонија и популаризација на класичната филологија.
Од 2004 година здружението е член на Европската асоцијација за класични јазици и цивилизации ЕВРОКЛАСИКА (EUROCLASSICA), која претставува федерација на национални здруженија на професори по класичните јазици од европските земји.
Здружението го издава електронското списание Systasis, (www.systasis.org). Во ноември минатата година излезе 41-от број.