Третиот по ред базар за облека, книги, играчки и други прозводи од „втора рака“, но и рачно изработен накит и аксесоари, ќе се одржи во сабота (8 јуни) од 11 до 15 часот во „Јавна соба“, на кој ќе има 35 штандови, односно најмногу досега.
„Ќе доживеете едно сосема поинакво пазарање во ‘Јавна соба’ оваа сабота, во забавна, опуштена и пријателска атмосфера. Има голема можност да се најде нешто уникатно што го нема во регуларните молови“, велат организаторите.
Тие велат дека трендот за производи од „втора рака“ е во нагорна линија и од страна на изложувачите, но и од страна на посетителите, што значи дека понудата е побогата и интересот за учество на вакви настани расте.
„Има голем број посетители кои ги поддржуваат овие мали и локални бизниси, а воедно прават добро и за својот буџет и животната средина“, додаваат оттаму.
Влезот за посетителите е слободен.