Во САД 550 жени ја тужат компанијата Убер за сексуален напад

Во САД 550 жени поднеле тужба против компанијата Убер за сексуален напад. Во тужбата се наведува дека патнички биле „киднапирани, сексуално нападнати, силувани, следени, вознемирувани или на друг начин нападнати од возачи на Убер, јавува Радио Слободна Европа.

Тужбата беше поднесена на 13 јули во Врховниот суд на округот Сан Франциско.

„Сексуалниот напад е ужасно злосторство и ние сериозно ја сфаќаме секоја пријава“, рече портпаролот на Убер.

„Не постои ништо поважно од безбедноста, поради што Убер изгради нови безбедносни карактеристики, воспостави политики фокусирани на жртвите и е потранспарентен во поглед на сериозните инциденти. Иако не можеме да коментираме за тековните судски спорови, ние ќе продолжиме да ја одржуваме безбедноста како срце на нашата работа“, додаде тој.

Во тужбата, поднесена од адвокатите се наведува дека сексуалните напади се случиле во „повеќе држави“. Исто така, се наведува дека уште најмалку 150 потенцијални случаи „активно се истражуваат“.

Во тужбата се наведува и дека компанијата во 2014 година станала свесна дека нивните возачи сексуално злоупотребуваат и силуваат патнички. Меѓутоа, се додава дека компанијата дала приоритет на „растот на бизнисот пред безбедноста на клиентите“.