За првпат во историјата на САД фармацевтска компанија побара да им се дозволи да продаваат таблети за контрацепција без рецепт.
Оваа информација доаѓа неколку недели откако американскиот Врховен суд го укина уставното право на абортус во земјата. Од компанијата „ХРА Фарма“ велат дека овие две работи не се поврзани.
„Ставањето на безбедни и ефективни контрацептивни пилули надвор од листата лекови кои се издаваат на рецепт ќе помогне на многу повеќе жени и луѓе во пристапот до контрацепција без соочување со непотребни пречки“, вели Фредерик Велгрин од „ХРА Фарма“.
За набавка на овие таблети, кои се најчестата форма на контрацепција во САД, неопходно е поседување лекарски рецепт.
Студиите покажале дека повеќе од половина од проценетите 6,1 милион бремености во САД секоја година се непланирани. Иако контрацептивните таблети првично се одобрени во САД пред повеќе од 60 години, околу третина од жените во земјата кои се обиделе да добијат рецепт за оваа медицина се соочувале со проблеми.
Глобално, повеќе од 100 држави во светот нудат орална контрацепција без потреба од лекарски рецепт, што ја прави САД една од ретките држави во кои се бара ваков лекарски документ. Неколку големи медицински организации, меѓу кои и Американската медицинска асоцијација и Американската академија на семејни лекари, ги повикале американските власти да го направат овој чекор.
Според „ХРА Фарма“ одлуката од Агенцијата за одобрување на лекови се очекува следната година. Одобрувањето би се одлесувало само за таблетите на оваа компанија, која беше преземена од Фајзер во 2014 година. Пациентите уште од 1973 година можеа да ја користат оваа контрацепција, но со неопходен лекарски рецепт.
По одлуката на Врховниот суд за забрана на националното право на абортус, водечките фармацевтски ланци во САД пријавија дека дошло до голема побарувачка на контрацептивни пилули.