За прв пат во САД, во сојузната американска држава Џорџија ќе биде отворено средно училиште кое треба да привлече ЛГБТ млади и професори кои се чувствуваат неприфатени или малтретирани во традиционалните училишта, објави АП.
„Pride School Atlanta“ е институција дизајнирана да биде алтернатива за ЛГБТ студентите, иако училиштето е отворено за било кој студент што верува дека не ја добива потребната поддршка заради тоа што е „различен“, вели основачот на училиштето Кристијан Зилавец.
„Децата имаат целосна дозвола да бидат она што се, како и едукаторите. Ова е место каде студентите ќе може да се отворат и да бидат најдобрата личност која можат да бидат“, вели Зилавец кој е трансродова личност и има повеќе од 25 години искуство во образованието.
Училиштето првично ќе работи во Унитарната универзална конгрегација на црквата во Атланта и се очекува да се отвори во септември годинава. Школарината ќе изнесува 13 илјади долари годишно, иако постојат можности за финансиска асистенција на студентите на кои им е потребна.
Училиштето е дел од мала но растечка група на училишта која на национално ниво се стреми кон едукација на ЛГБТ младината која се чувствува дезинтегрирана од јавното образование.
„Pride School“ ќе биде прво од својот вид во Југоистокот и според активистите за геј права, значаен развој во ЛГБТ движењето.
„Има значаен број на деца кои доаѓаат од Југот и мигрираат во места како Њујорк и други градови бидејќи сметаат дека тие средини се многу потолерантни“, вели Рос Муреј, програмски директор на ГЛААД, организација за ЛГБТ права, пренесе Yahoo.
Според групата за геј права наречена „Еднаквост во Џорџија“, дури 9 од 10 ЛГБТ студенти пријавиле малтретирање во училишната година, додека 3 од 10 се чувствувале небезбедно. Групата беше меѓу активистите кои лобираа кај властите да се креира легислатива за редуцирање на малтретирањето (булинг) во училиштата во САД.
Извор: Yahoo