Суд во Саудиска Арабија осудил маж на смртна казна само поради неговите активности на Твитер и Јутјуб, соопштија од организацијата Хјуман Рајтс Воч (ХРВ).
Од ХРВ бараат властите да ја поништат ваквата пресуда, која според нив преставува ескалација на обидите на Владата да ја ограничи слободата на изразувањето и политичкото незадоволство во земјата.
Во случајот е осуден Мухамад ал-Гамди, 54 годишен пензиониран наставник, кој бил обвинет во јули годинава поради неговите ставови на интернет. Судот го осудил на смртна казна, а како докази против него во процесот биле користени неговите твитови, ретвитови и активности на Јутјуб.
„Репресијата во Саудиска Арабија достигна нова застрашувачка фаза кога судот изрече смртна казна за ништо повеќе од мирни твитови. Саудиските власти ја засилија нивната кампања против било каков вид незадоволство на неверојатно ниво и треба да го одбие ваквата судска травестија“, вели Џои Ши, истражувач на Саудиска Арабија во ХРВ.
Според извори на организацијата, саудиските безбедносни сили го уапсиле Ал-Гамди пред неговата сопруга и деца на 11 јуни 2022 година, пред неговиот дом во градот Мека. Потоа тие го одвеле во затворот Ал-Дахбан, северно од Џеда, каде бил во самица четири месеци. Неговото семејство не можело да контактира со него во овој период и тој немал пристап до адвокат.
При апсењето тој бил испрашуван за неговите твитови и политички ставови и се интересирале за неговите мислења за поединци кои биле затворени поради изразување на нивен став. Ал-Гамди речиси една година немал правна помош, а кога добил адвокат тој можел да зборува со него непосредно пред почетокот на судењето.
Според документи до кои дошле ХРВ судот го осудил Ал-Гамди на смртна казна на 10 јули, според членови од законот за контратероризам поради „опишување на кралот или принцот престолонаследник на начин кој ја поткопува религијата или правото“, „поддржување терористичка идеологија“, „комуникација со терористичка групација“ и „објавување лажни вести со цел да се изврши тероризам“.
Од ХРВ велат дека Ал-Гамди не се смета себеси за политички активист или активист за човекови права. Тој на судењето тврдел дека е обичен граѓанин, кој само изразил одредени грижи околу Владата на Саудиска Арабија на платформата Твитер (сега официјално Х).
Организацијата напоменува дека оваа смртна казна е последна од серијата на случаи во кои саудиските власти ги таргетираат корисниците на социјалните мрежи поради нивното мирно изразување на ставови на интернет. Во текот на минатата година судовите осудиле на децениски долги затворски казни повеќе корисници на социјалните мрежи кои ја критикувале Владата.
„Саудиските власти сега се пресметуваат со онлајн критиките не само преку наместени судски процеси, туку и со закана од смртна казна. Тешко е да се сфати како заложбите на саудиските лидери за поправично општество имаат некаква тежина кога едноставен критички твит може да води кон губење на животот“, велат од Хјуман Рајтс Воч.