Во седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција, утре, на 22 март, ќе се одржи настан во чест на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската култура Блаже Конески, јубилеј кој е дел од календарот на важни меѓународни јубилеи на УНЕСКО, информираат од Министерството за култура.
„Во рамките на настанот, со кој се прославува и Светскиот ден на поезијата – 21 Март, ќе биде соопштен лауреатот на годинашното, 60. издание на „Струшките вечери на поезијата“, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, која се доделува во соработка со УНЕСКО“, се вели во соопштението.
По тој повод, со видеопорака ќе се обратат министерката за култура Ирена Стефоска и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Со организирањето на овој настан, се враќа некогашната традиција со која одбележувањето на Светскиот ден на поезијата и соопштувањето на добитникот на „Златен венец“, највисокото признание на Струшките вечери на поезијата, како и на добитникот на „Мостови на Струга“, награда за најдобра дебитантска поетска книга под покровителство на УНЕСКО, се реализираат токму во Париз, истакнуваат од министерството.
Сите заинтересирани настанот може да го проследат во живо тука.