Инклузивното танц студио „Денсерс јунајтед“ соопштува дека во Скопје ќе се одржи меѓународниот танцов натпревар „Diamond“ на кој ќе учествуваат над 1.500 танчери од регионот и Европа.
Натпреварот ќе се одржува на 6 и 7 април во Хотел Мериот, во организација на Сара и Нермин Кочан сопственици на „Денсерс Јунајтед“.
На 6 и 7 април во Хотел Мериот ќе се одржи меѓународен танцов натпревар DIAMOND, а Скопје ќе ги собере најдобрите танчери од регионот и пошироко, натпревар на кој ќе настапат над 1500 танчери од Македонија, Унгарија, Полска, Србија, Босна и Херцеговина, Грција, Романија и од Хрватска.
„’Diamond’ има за цел да инспирира, плени и обезбеди неверојатен приказ на уметничките способности, вистински славејќи го танцот во неговите многубројни форми и категории“, велат организаторите кои ветуваат подготовки по сите светски стандарди.
Во рамки на двата натпреварувачки дена ќе учествува судиска комисија од 20 искусни судии, од кои 10 национални и 10 меѓународни судии, кои ќе обезбедат правична и точна евалуација на натпреварувачите.
„Ќе имаме можност цели два дена да уживаме во кореографиите на класичен балет, модерен балет, латино и стандардни танци,
акробатски танц шоуа, хип – хоп, инклузивен и пара танц, диско и уличен танц“, велат од „Денсерс Јунајтед“.
Натпреварот е поддржан од Светската танцова уметничка федерација и Националниот танцов сојуз.