Во Словенија студираат речиси 1.500 македонски студенти, како да се вратaт назад?

Потпретседателката на Стопанската комора, Елена Милевска Штрбевска рече дека е потребно да се спречи одливот на мозоци од земјава, а младите умови кои своето образование го надградиле во Словенија, да се задржат овде и да се искористи нивниот потенцијал. 

Како да се најде перспектива и мотивација македонските студенти што студираат во Словенија да се вратат во Северна Македонија, беше целта на вчерашниот настан и двете панел-дискусии, во организација на Амбасадата на Република Словенија во соработка со Стопанската комора на Северна Македонија, Друштвото на словенечки и македонски стопанственици и Економскиот факултет при Универзитетот Љубљана, пренесува агенцијата Мета.

Учесниците на панел-дискусијата „Враќање и задржување на домашниот млад високообразован кадар од Република Словенија во Република Северна Македонија…и како?“ разговараа за тоа што е потребно да се направи за студентите, по завршувањето на своите студии во Словенија да се вратат во земјава и да ја градат својата професионална кариера тука – во некои од јавните институции и во словенечките компании кои се дел од македонската бизнис-заедница.

Во Словенија оваа академска година студираат речиси 1.500 македонски студенти, информираше в.д амбасадорката на Република Словенија во земјава, Татјана Ковачич.

„Словенија и Северна Македонија се традиционално пријателски земји и важни економски партнери. Северна Македонија е една од приоритетните земји на Словенија во областа на развојната соработка. Имено, од 2010 година до денес, Северна Македонија има добиено приближно 37,7 милиони евра помош за развој од Словенија. Особено е важно што заедно нудиме перспектива на младите. Во Словенија, оваа учебна година студираат 1.443 студенти од Северна Македонија. Наша желба е овој високообразован кадар, по завршување на студиите, да се врати во Северна Македонија и да помогнат во понатамошниот развој на државата“, истакна словенечката амбасадорка.

Потпретседателката на Стопанската комора, Елена Милевска Штрбевска рече дека е очигледно оти 21-от век е време на интелектуалнa конкурентност и оти е потребно да се спречи одливот на мозоци од земјава, а младите умови кои своето образование го надградиле во Словенија, да се задржат овде и да се искористи нивниот потенцијал.

„Изострената конкуренција на пазарот на трудот успешно функционира во приватниот сектор. Но, нашите заложби, како претставник на бизнис-заедницата, се да се инвестира во научно-истражувачки институти и лаборатории кои претставуваат потреба на бизнисот, да се создадат услови за апсорбирање на високостручни квалитетни кадри од страна на државните институции, кои исто така се неопходни за функционирање на бизнисот и да се подобри квалитетот на животот како целина, за да ги вратиме нашите млади во земјава“, истакна Милевска Штрбевска.

Војдан Јорданов од Друштвото на словенечко-македонските стопанственици во име на присутните словенечки компании во земјава, рече дека нивните членки секојдневно вложуваат напори да ги привлечат и задржат високообразовните кадри, бидејќи нивниот одлив е забележлив и значајно влијае на продуктивноста на компаниите.

„Последните неколку години може да се забележи дека голем број млади луѓе од Македонија се одлучуваат за словенечкиот образовен систем. За нас тоа значи ризик од губење на интелектуален капацитет, кој што ѝ е неопходен на Македонија, но од друга страна и можност за поврзување на знаењата и искуствата од двете земји. На денешниот настан ги разгледуваме искуствата и политиките кои што ќе придонесат кон зголемена атрактивност на македонските компании за нашите студенти во странство. Како словенечки и македонски компании, особено сме мотивирани да ги привлечеме токму нашите студенти од Словенија, кои би придонеле кон премостување на разликите во праксите и знаењата помеѓу двете економии“, рече Јорданов.

На настанот преку видео-обраќање зборуваа и неколку студенти од земјава кои во моментов се на студии во Словенија, давајќи идеи за она што е потребно да се направи од страна на државата и компаниите во однос на овој проблем. Тие информираа и дека од септември минатата година оформиле „Македонска студентска организација во Словенија“ за полесна интеграција и поврзување на македонските студенти со бизнис заедницата.

Мета