Рускиот град на брегот на Црно Море, Сочи е домаќин на 22. Зимски Олимписки игри што ќе се одржуваат до 23 февруари. На борилиштата во Сочи и околните планини на Краснаја Полјана ќе се појават 2.860 спортисти од 88 национални олимписки комитети што е за шест повеќе од претходните Игри во Ванкувер 2010 година.
На Игрите, Македонија ќе ја претставуваат тројца спортисти: Дарко Дамјановски, Антонио Ристевски и Марија Колароска. Знамето на Македонија на Свеченото отворање ќе го носи нордиецот Дамјановски, за кого ова е трето учество на Олимписки игри, додека за алпскиот скијач Ристевски ова е втор настап. Шеснаесетгодишната Колароска ќе дебитира на Зимските олимписки игри во нордиските дисциплини.
На Игрите спортистите ќе се натпреваруваат во 15 дисциплини, а ќе бидат поделени 98 комплети медали.
Организаторот на Игрите вложи огромни средства за изградба на спортските објекти, но и за инфраструктурата. Според проценките ова ќе бидат најскапите Игри досега одржани (заедно со инфараструктурата сумата достигнува до 50 милијарди долари).
Особено внимание е посветено и на безбедноста со цел спортистите, тренерите и публиката да се чуствуваат безбедно.
Олимпискиот оган веќе се наоѓа во Сочи откако мина пат од околу 40.000 километри и ќе биде запален на Олимпискиот стадион „Фишт“, а традиционално името на последниот што ќе го носи олимпискиот факел и што ќе има чест да го запали олимпискиот оган се чува во најголема тајност. Отворањето ќе почне во 20:14 часот по локално време, а на него се најавени рекордни 65 светски лидери, што е трипати повеќе од Ванкувер пред четири години.
Во Сочи веќе се наоѓа и генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Бан Ки – Мун, како и рускиот претседател Владимир Путин, кој беше дел од состанокот на Интернационалниот Олимписки комитет.
Игрите почнаа вчера со квалификаците натпревари во сноуборд, во слободно скијање и во уметничко лизгање, а ќе траат вкупно 16 дена или до 23 февруари кога се и последните натпревари.
Стартот на олимписките игри беше одбележан и од гигантот Гугл кој денеска постави „Google doodle“ во боите на виножитото, со што според американските медиуми Гугл се вклучи во поддршка на геј правата во Русија, која неодамна донесе контроверзен закон за „анти-геј пропаганда“.