На интернет се појави список од 14.310 про-владини профили на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм, Твитер и ТикТок со имиња и презимиња на луѓето кои стојат зад нив.
Станува збор за ботовски профили, кои најчесто се под измислени имиња, чија задача е да шират пропаганда, да ја фалат владејачката Српска напредна партија и претседателот Александар Вучиќ, или пак да ги навредуваат и напаѓаат оние кои имаат различни ставови.
Судејќи по списокот, чија веродостојност официјално не е потврдена, меѓу овие профили српските медиуми пишуваат дека можат да се најдат голем број луѓе кои се вработени во јавниот сектор, меѓу нив и наставници, општински работници, шефови на градските служби…
„Вработените во јавните претпријатија и во државните органи – од месните заедници, општини па нагоре, фактички големиот дел од своето работно време, кога требало да вршат работи за кои се вработени, имале свој партиски ангажман, а тоа било да ботуваат“, вели за Н1 Игор Авжнер, експерт за медиуми и комуникации.
Телевизијата Н1 пренесува дека Српската напредна партија досега нема дадено свој коментар за протечените податоци.
Бидејќи при протечениот список на интернет стојат и имињата зад ботовските профили, некои од овие луѓе признале дека учествувале во ваквите активности и се извиниле, додека друг дел од овие луѓе ги избришале своите профили.
Од порталот за проверка на факти „fakenews.rs“ велат дека мала е шансата списокот со овие онлајн про-владини активисти да не е автентична. Тие направиле анализа на податоците и утврдиле дека Српската напредна партија на располагање има околу 4.800 бот-профили на Твитер, додека бројот на такви профили на Фејсбук, Инстаграм и ТикТок е изедначен и изнесува околу 3.200.
„Како што може да се види, една личност обично е задолжена за водење на повеќе профили и се претставува под различни лажни идентитети. Настојувавме да го утврдиме точниот број на индивидуи кои се ангажирани во овој систем и дојдовме до 3.162 лица, така што пребарувавме посебни комбинации на полињата „име и презиме“ и „општина“. Оваа проценка треба да се земе со мала резерва, бидејќи постои шанса две различни лица од иста општина да имаат исто име и презиме“, велат од порталот.
Твитер пред три години објави дека отстранил 8,5 илјади профили кои биле во служба на Српската напредна партија. Од тие профили биле објавени повеќе од 40 милиони твитови. На почетокот на годинава и компанијата Мета, во чија сопственост е Фејсбук, соопшти дека укинала три операции за влијание во Србија поврзани со државната власт, а секоја операција користела мрежа од лажни профили кои влијаеле на домашната политика и чија мета биле опозициските партии.