Во Србија денес ќе се одржи генерален штрајк и „општа граѓанска непослушност“, пренесува „Данас“.
Штрајкот беше инициран од студентите во блокада, кои веќе два месеци ги имаат узурпирано своите факултети, во знак протест против нетранспарентноста на сегашната влада околу несреќата со настрешницата на Железничката станица во Нови сад, во која загинаа 15 луѓе.
„Не одиме на работа, не одиме на предавања, не ги извршуваме секојдневните обврски. Ја земаме слободата во свои раце. Вашето учество прави разлика“, објавија студентите на Инстаграм.
На штрајкот се приклучија бројни компании, здруженија и политички партии. Медиуми како Н1, Нова, Данас, Спорт Клуб се придружија на штрајкот, со тоа што нема да известуваат за ништо освен штрајкот.
Претседателот на Самостојниот синдикат на просветните работници на Србија Душан Кокот претходно најави дека бара од сите училишта да се приклучат на штрајкот. Иако ОУ „Влада Аксентијевиќ“ во Белград не се приклучи на штрајкот, пред училиштето дојдоа родителите на децата, кои одбиваа да си ги пратат децата на училиште.
Републичкиот синдикат на културата исто така прогласи генерален штрајк, со што многу културни установи си ги затворија своите врати денес. Дополнително, адвокатската комора на Србија најави тридневен штрајк.
Студентите претходно постираа на Инстаграм што точно подразбира штрајк, и како може секој граѓанин да учествува. Советите вклучуваа тоа работниците да се организираат со своите колеги на работи, или во најмала рака да земат слободен ден, боледување или да донираат крв.