Во светот во 2021 година биле убиени 55 новинари и медиумски работници, покажуваат податоците на Организацијата на Обединетите Нации за образование, наука и култура (УНЕСКО), пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Иако ова е најмалиот број на убиени новинари и медиумски работници во повеќе од една деценија, УНЕСКО наведува дека неказнивоста за тие злосторства остануваат и понатаму „алармантно распространети“. Се додава дека 87 отсто од сите убиства на новинари од 2006 година се неразјаснети.
УНЕСКО наведува и дека дополнителна закана за новинарите ширум светот претставуваат и другите форми на насилство, како што се физичките напади и заплашувањата.
Генералната директорка на организацијата, Одри Азулеј рече дека во 2021 година „повторно премногу новинари ја платиле цената за изнесување на вистината на виделина“.
„На светот му требаат повеќе независни информации засновани на факти од кога било досега. Мораме да направиме повеќе за да се осигураме дека оние кои неуморно работат на тоа можат да го сторат тоа без страв“, рече таа.
За новинарите минатата година особено беа опасни два региони, каде што беа забележани најголем број од убиствата. Во азиско-пацифичкиот регион беа убиени 23 новинари, а во Латинска АМерика и на Карибите – 14.