Министерството за образование и наука (МОН) информира дека и овој пат од 1 до 7 јануари е отворен повикот за аплицирање за субвенциониран студентски оброк за оние кои не го оствариле правото.
Пријавувањето се врши онлајн. Студентите треба да пополнат Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и потпишани да ги прикачат кон електронската апликација на https://e-uslugi.mon.gov.mk/ преку која се пријавуваат за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк.
По завршување на рокот за пријавување, кој истекнува на 7 јануари, кандидатите кои ги исполниле условите ќе бидат известени за тоа преку порталот каде ја поднеле својата апликација.
Потоа, потребно е да се регистрираат на активната онлајн платформа на Шпаркасе Банка со која МОН склучи нефинансиски договор за реализација на мерката и да ги ажурираат своите податоци на https://netbanking.mk/studentPortal, по што ќе добијат информација преку СМС за точното време и место за потпишување на договор за отворање на посебна сметка и за подигнување на наменскaта студентскa Visa картичкa за субвенциониран оброк.
Секој апликант кој има потреба од непосредна поддршка при аплицирањето може да се обрати на следниот контакт: so.us@mon.gov.mk или во наменската канцеларија на приземјето во зградата на министерството.
Студентите кои ќе го остварат ова право, средствата во износ од 140 денари дневно можат да ги користат од понеделник до сабота, за купување храна во маркети, пекарници, ресторани и други правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна.