Во академската 2019/2020 година ќе има 264 помалку легла на располагање во скопските државни студентски домови во споредба со лани.
Според објавениот конкурс на веб-страницата на Министерството за образование и наука, 264 студенти нема да може да се пријават за вселување во првата зграда од студентскиот „Стив Наумов“ во Автокоманда. Во јуни на владина седница се одлучи да се реновира зградата откако во неколку наврати се случи на студентите да им прокисне кровот, па дури и да им падне плафонот над глава.
Па така, ако лани првата и втората зграда во „Стив Наумов“ заедно имаа капацитет да примат 620 студенти, годинава ќе бидат примени само 356 во втората зграда.
Исто така, и годинава остануваат неактивни два блока од „Гоце Делчев“ во Тафталиџе. Во новата академска година ќе бидат примени севкупно 608 студенти, исто колку и лани. Иако градежните работи во блоковите В и Г се завршени, тие остануваат затворени поради набавка на мебел.
Бројот на слободни легла во останатите сместувачки капацитети останува ист.
Конкурсот за прием во студентските домови е отворен за вкупно 5154 студенти, од кои 1030 од леглата се наменети за бруцоши. Студентите може да се пријават за сместување во еден од 11-те сместувачки капацитети низ државата.
Потребно е да пополнат електронска пријава поставена на интернет порталот www.konkursi.mon.gov.mk. Рокот за електронското пријавување на студентите од II година и повисоките години почнува од 25.07.2019 година и трае до 15.08.2019 година. Рокот за електронското пријавување на студентите од I година почнува од 09.09.2019 година и трае до 16.09.2019 година. По објавување на конечните списоци со примени студенти по домови, доколку останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, електронското пријавување ќе продолжи се до пополнување на истите, но најдоцна до 27.09.2019 година.
Целиот конкурс е достапен на следниот ЛИНК.