Во Тетово од денеска започна со работа новиот Центар за ЛГБТИК+ заедницата кој ќе претставува сигурно и безбедно место за поддршка и социјализација на членовите на ЛГБТИК+ заедницата, нивните семејства и пријатели, соопштија од здружението „ЛГБТ Јунајтед Тетово“.
Центарот можат да го посетат сите заинтересирани граѓани секој работен ден, за заедничка дружба и социјализација со другите ЛГБТИК+ лица, родители, пријатели и поддржувачи, како и да учествуваат во дневни и неделни активности или работилници кои ги организираат, објаснуваат од здружението.
„Исто така, во соработка со другите организации, Центарот на ЛГБТИК+ заедницата од овој месец ќе спроведува и бесплатно советување, а воедно и тестирање за ХИВ, како и бесплатна правна и психо-социална помош, два пати во текот на еден месец во просториите на Центарот во Тетово“, најавија од „ЛГБТ Јунајтед Тетово“.
Истовремено, тие истакнаа дека центарот ги става на располагање своите услуги и простории за состаноци или активности целосно бесплатно за потребите на сите граѓански иницијативи, неформални групи и други невладини организации.
Во рамките на Центарот, еднаш месечно ќе се организира и отворен ден за граѓаните, студентите, учениците, новинарите и секој што сака да знае повеќе за ЛГБТИК+ заедницата и да се запознае одблиску со нивните активности.
Работното време на центарот е секој работен ден од 12 до 20 часот, а телефонскиот број е 075/356-063.