Основното училиште „Андреа Савески Ќиќиш“ во Тетово доби тоалет за менструална хигиена. Ова е прв ваков случај на адаптирање веќе постоечки тоалети и целта е да поттикне подобрување на условите за девојките.
Во него има тоалетна хартија, две канти за отпад од кои едната ќе биде само за влошките и пристап до вода.
Според податоците на здружението „Новинари за човекови права“, 90 отсто од ученичките во селата во Македонија отсуствуваат од училиште четири до пет дена во текот на месецот кога имаат месечен циклус, а 75 отсто од ученичките во урбаните средини изостануваат два до три дена од истите причини.
Токму поради ова, тие заедно со Институтот за јавно здравје, со поддршка на Британската амбасада го започнаа проектот за промовирање на менструална хигиена во училиштата.