Полицијата во Тунис го приведе директорот на независна радио станица на третиот ден од брановите апсења на опозициски политичари и активисти.
Вчера полицијата извршила претрес на куќата на Нуредин Бутар од радиото Мозаик ФМ, кој го критикувал претседателот Каис Саед.
Од саботата голем број јавни личности, меѓу кои и опозициски политичари, познат бизнисмен, двајца судии и поранешен дипломат се наоѓаат во притвор, пишува Би-Би-Си.
Саед изјави дека сака „да ја спаси од хаос“ северноафриканската држава.
Најголемата туниска опозициска партија Енахда ги опиша притворите како „киднапирање на противниците на Саед“.
Многу Тунижани кои го поддржуваа Саед кога тој дојде на власт во 2019 година во последниов период се свртеа против претседателот.
Во 2021 година Саед го отпушти премиерот, го суспендираше парламентот и издејствува смена на уставот со која се зацврсти неговата власт. Новиот устав го замени претходниот донесен по Арапската пролет во 2011 година, кога во Тунис беше срушен од власт диктаторот Зине ел Абидин бен Али.
Минатиот месец илјадници демонстранти маршираа во главниот град Тунис со барање за оставка на владата на Саед.