Во Турција изгласан „законот за масакр“ за отстранување на милиони бездомни кучиња од улиците

Турските законодавци во вторникот го изгласаа законот кој има цел да отстрани милиони бездомни кучиња од улиците на земјата, а за кој љубителите на животни стравуваат дека многу од нив ќе бидат убиени или ќе завршат во запоставени, преполни засолништа, јавува Гардијан.

Пратениците го одобрија законот кој владата се залагаше да биде усвоен пред летните одмори, по маратонската сесија во текот на ноќта. Илјадници луѓе се приклучија на протестите ширум Турција, повикувајќи на укинување на законот што ќе овозможи еутаназија на некои бездомни животни. Опозициските пратеници, групите за заштита на животните и други го нарекоа предлог-законот „закон за масакр“.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган, кој сега треба да го потпише законот, им се заблагодари на неговата партија и пратениците на сојузничките партии кои гласаа за законот по „интензивна и напорна“ седница.

„И покрај провокациите и кампањите на опозицијата засновани на лаги и искривувања, народното собрание уште еднаш го послуша народот, одбивајќи да ги игнорира криците на тивкото мнозинство“, рече тој.

Владата проценува дека околу 4 милиони бездомни кучиња се наоѓаат по улиците и руралните области во Турција. Иако многу од нив се безопасни, сè поголем број се собираат во глутници и неколку луѓе се нападнати. Големата популација на бездомни мачки скитници во земјата не е во фокус на законот.

Меѓутоа, како што велат активистите, планот на Ердоган да ги уништи турските улични кучиња ќе уништи многу повеќе од само животни.

Стотици луѓе претходно се собраа на плоштадот Шишхане во Истанбул од каде упатија пркосна порака до владата.

„Вашиот закон за масакрот е само парче хартија за нас. Ќе го пишуваме законот на улица. Ќе победи животот и солидарноста, а не омразата и непријателството“, рекоа организаторите на протестот.

Љубителите на животни во главниот град Анкара, исто така, протестираа пред општинските канцеларии.

„Постојано ја предупредуваме владата, стоп со законот. Не го правете ова злосторство против оваа земја“, гласеше дел од прочитаното соопштение.

Некои критичари пак, велат дека законот ќе се користи за таргетирање на опозицијата, која победи во многу од поголемите општини на последните локални избори. Законодавството предвидува казни за градоначалниците кои нема да ги спроведат неговите одредби, а главната опозициска партија вети дека нема да го спроведе. Исто така, партијата рече дека ќе се обиде да го поништи законот пред Врховниот суд.

„Направивте закон кој е морално, совесно и законски прекршен. Не можете да ги миете рацете со крв“, рече Мурат Емир, висок заменик на Републиканската народна партија, на неделната седница во парламентот.

Тој на седницата праша зошто предлог-законот предвидува да се собираат здрави и неагресивни животни ако не се убиваат.

Други, обвинија дека растот на популацијата на кучињата скитници е поради неуспехот да се имплементираат претходните прописи, кои бараа кучињата скитници да бидат заловени, чипирани, стерилизирани и вратени на локација.

Новата легислатива бара општините да собираат кучиња скитници и да ги сместат во засолништа за да бидат вакцинирани, стерилизирани и чипирани пред да ги стават на посвојување. Кучињата кои страдаат, се смртно болни или претставуваат ризик по здравјето на луѓето ќе бидат евтаназирани.

Сепак, многумина се прашуваат како општините со ограничени средства ќе најдат пари за изградба на потребните дополнителни засолништа.

Владата негира дека предлог-законот ќе доведе до широкораспространето убивање. Министерот за правда, Јилмаз Тунч, минатата недела изјави дека секој што ќе убие бездомни кучиња „без причина“ ќе биде казнет.