Во Народниот музеј Велес денес (четврток, 5 септември) од 19:30 часот ќе се отвори изложбата на плакати „Рефлексии“ на Лазе Трипков, графички дизајнер и едукатор со страст за интердисциплинарна уметност и дизајн практики.
Како што стои во најавата, изложбата претставува дизајнирани графички дела – плакати, создадени во „Ковид“ и пост – ковид периодот, односно од 2020 до денес, кои допираат до разни теми и зборуваат за преокупациите и идејното размислување на уметникот.
„Ликовниот уметник, графичкиот дизајнер Лазе Трипков, при дизајнирањето на плакатот, кој како медиум за јавно информирање, во преден план ги става редот и функцијата, повеќе инсистира на ликовниот дел, наспроти текстот кој треба да ја пренесе информацијата. Тој е исклучително плоден и успешен во овој медиум, во кој преку дизајнерскиот дискурс и нарацијата на секој изработен плакат со иновативен пристап, преку уметничко обликување на графичкиот дизајн на плататите не информира, толкува и пренесува пораки кои допираат до разни теми, за што всушност е и намената на плакатот. Во плакатите формалните елементи на дизајнот, сликата, симболот и пишаниот збор се во непосредна визуелна комуникација, која станува еден од кодовите на новото време. Преку навидум едноставните цртежи воспоставува визуелен баланс во однос на ликовниот прилог и зоната на читање, интегрирани во композициската целина. Кај плакатите на Трипков текстот е секогаш составен елемент во дообјаснување на сликата, допринесуваќи кај гледачот окулу толкувањето на уметничко-ликовната представа, со што постигнува ефикасна визуелна комуникација со релевантната информација“, се вели во предговорот за изложбата.
Инаку, Трипков моментално е професор по визуелна комуникација и графички дизајн на Факултетот за уметност и дизајн при Меѓународниот балкански универзитет во Скопје. Неговата експертиза се протега низ креативни дигитални дисциплини, вклучувајќи VR (виртуелна реалност), дигитални медиуми, интерактивни инсталации и истражување, како и употреба на новите технологии во образование.
Трипков магистрирал на Академијата за ликовни уметности во Варшава и продолжил со пост-магистерски студии по мултимедија и дизајн на Академијата за ликовни уметности во Лоѓ. Истражувал за симболите и иконографијата на балканскиот регион како докторанд на Фулбрајт. Неговите дела се прикажани на 6 самостојни изложби и преку 75 групни изложби ширум светот, со што му донесоа престижни награди како што се наградата Златна пчела од Московското биенале за плакат и почесната награда од Чешката асоцијација за графички дизајн AUG.