По првичната двонеделна изолација поради КОВИД-19, учениците и средношколците добија онлајн платформа преку која ќе може да ја следат наставата. Сепак, образовните потреби на атипичните деца, децата со аутизам и разни попречености, носат различни предизвици и проблеми, за да можат да бидат во тек со едукацијата. Дел од експертите што ги контактиравме сметаат дека изоставуваат образовни мерки, други велат дека се’ е оставено на индивидуалниот напор на образовните асистенти, а трети упатуваат на онлајн видео презентации, со цел атипичните деца да не стагнираат во образовниот процес.
Зоран Мијалков, дел од Здружението „Сплотени Срца“, вели дека изолацијата не донела нови мерки за овие случаи.
„Нема никакви мерки преземени, ние сме заборавени, како и вообичаено. Децата, а и ние како родители веќе сме отрпнати, не очекуваме ништо. Се чувствувам како Дон Кихот, како да се борам против ветерници“, потенцира Мијалков, татко на две деца со аутизам.
Специјалната едукаторка (дефектолог) Јасмина Трошанска, потенцира дека за овие ученици, кои се врзуваат за рутини, многу е тешко да разберат „Зошто одеднаш не одиме на училиште?“,„Зошто не можеме да одиме во ресторан?“, „Во продавница?“, „Кај баба и дедо?“. Исто така, вели таа, во зависност од нивото на разбирање, тешко можат да разберат што се зборува во домот за вирусот и како треба да се заштитиме себе си и другите.
„Јас, како стручно лице кое веќе 15 години работи со оваа проблематика, препорачувам во домашни услови семејството да ја разбере состојбата на детето и да се обиде да му објасни на детето со аутизам што се случува на начин на кој детето најдобро ќе разбере преку социјална приказна. Потребно е изработка на визуелна поддршка во однос на распоредот на активности во денот“, вели Трошанска од Здружение за унапредување на квалитетот на живот на лицата со нарушувања од спектарот на аутизам „Сина светулка“.
Работејќи во Крива Паланка, наставникот Добре Јовевски потенцира дека во ваква состојба децата со посебни потреби се изложени на двојна изолација.
„Сериозен проблем е онлајн наставата за децата со аутизам и посебни потреби бидејќи наставниците не можат да се организираат. Во состојбата на изолација, тие се уште повеќе изолирани“, вели тој.
Изолацијата може да допринесе стагнација во образовинот развој кај децата со посебни потреби, смета Елеонора Наумовска, образовен асистент и дипломиран специјален едукатор и рехабилитатор. Таа нагласува дека посебната образовна програма бара дополнителен труд и организација, но во моментов, вели таа, се’ е оставено на асистентите.
„Загрижена сум за наставата за децата со посебни потреби во редовните училишта. Знаеме сите образованието дека е битен сегмент врз развојот на секое дете. Посебното училиште ‘Златан Сремац’ изработи програма за учење, но ме загрижува фактот дека децата кои се во редовните училишта ќе стагнираат. Децата со посебни потреби имаат своја индивидуална програма и врз основа на истата наставниците треба да изработат материјали кои децата ќе ги следат онлајн. Не верувам дека ќе се замараат со тоа, има исклучоци секако, но моето искуство говори дека се е оставено на асистентите. Јас изработувам материјали и ги прилагодувам за дечињата со кои работам, па родителите се трудат да ги работат кога се слободни. Моментално изработуваме материјали кои ги прилагодуваме за дечињата со посебни потреби, но за тоа ни треба и време. Мислам дека ние како асистенти треба да прилагодуваме материјали или ако дозволат посебните училишта. Родителите да ги користат истите материјали“, вели Наумовска.
Според специјалната едукаторка Трошанска, непредвидената и неизвесната состојба во која се наоѓаме сите ние претставува голем стрес. Децата со посебни потреби кои се дома и нивните семејства, вели таа, сега имаат потреба од голема поддршка од наставниците/специјалните едукатори и рехабилитатори.
„Кога овие деца одат на училиште консултациите и упатствата за родителите се даваат секојдневно бидејќи диманиката на нивниот развој не тече линеарно. Секојдневно се случуваат скокови и падови во напредокот кои треба да се следат. На нив влијае се’, почнувајќи од временските промени, па се до промена во расположението на некој член во семејството. Затоа, деновиве, нашите консултации со родителите се интензивни, посебните училишта веќе даваат напатствија за работата во домот, а исто така и голем број на стручни лица и организации нудат поддршка. Ние како организација, врз основа на поголем број на референци, изработивме една видео презентација за учениците со аутизам на македонски и на албански јазик “, потенцира специјалната едукаторка Трошанска.
Кога наставата се одржува онлајн, потребни се соодветни платформи на македонски јазик кои би им помогнале на децата со посебни потреби да вежбаат и да се активираат.
Наумовска вели дека има многу едукативни сајтови, но повеќето биле на англиски јазик, дополнувајќи дека секојдневно треба да се вежбаат вежбите дадени од стручните лица, да се работи на самостојност и на вежбите за на училиште.
„Апелирам и до надлежните да обрнат внимание на оваа категорија. Ниедно дете не треба да стагнира“, додава Елеонора.
Според Трошанска, мобилните уреди, распоред, нови рутини и задржување на социјалните интеракции се само дел од работите кои родителите на деца со посебни потреби можат да ги искористат во време на изолација.
„Во овој период децата може многу да се поврзат со таблет или телефон, бидејќи се постојано дома. Користењето на овие уреди мора да биде вметнато во распоред, и на тој начин, кога состојбата ќе помине, полесно ќе може повторно да се ограничат. Распоред ни е потребен на сите нас за да можеме да функционираме. Важно е да се одржува рутина во домот. Она на што треба да се посвети најголемо внимание е однесувањето. Треба да бидеме свесни дека кај сите кои сме дома ќе се случат промени, но, кај децата со аутизам може да се појави предизвикувачко однесување. Во видеото кое го создадовме има идеи за развој на вештини за справување со состојбата и смирување. Кога веќе сме дома, освен наставните листови и вежби кои ни ги праќаат онлајн, родителите можат да изградат и нови рутини кај децата, на пример местење на креветот, подготовка на појадок, полнење и празнење на машината за садови, полевањена цвеќињата во домот, чистење. На тој начин, времето ќе биде искористено за развој на некои вештини кои ќе бидат од големо значење за детето. И на крај, да не ги заборавиме социјалните врски. Исто така како што сите ние постојано зборуваме на телефон, сега кога сме дома, и тие треба да комуницираат. Затоа, видео разговорите со блиските ќе бидат од големо значење за одржување на социјалните интеракции додека сме во домот“, воочува Трошанска.
Телефонската линија 070 291 574, за помош на родители на деца со попреченост достапна е секој работен ден од 9 до 16 часот.
Ивана Смилевска