Во време на пандемија менструацијата не запира, ама нема влошки во пакетите за помош

„Во време на пандемија менструацијата не запира. Доколку некој мисли дека храната и производите за во тоалет се базични, половина од женската популација во светот е во репродуктивна возраст, па една од најбазичните биолошки потреби е одржувањето на менструалното здравје и хигиена“, вели Александра Радевска, членка на организацијата „Новинари за човекови права“ што изминативе години направи повеќе истражувања за менструалната сиромаштија.

Радевска, заедно со уште две колешки од организацијата говореше на првото од низата најавени онлајн предавања на Ромската асоцијација за жени и млади „Лулуди“. Темата беше во фокус на здравјето на жената, менструалната сиромаштија, но и менструалното здравје кај жените и девојките.

Нејзината колешка Андреа Накова, пак, смета дека родовата еднаквост нема да се постигне доколу менструалното здравје не се опфати од сите релевантни фактори, сектори, програми преку соодветно финансирање и дизајнирање на политики, подигање на јавна свест и соодветна едукација за менструалното здравје.

„Несоодветното управување со менструалната хигиена, доведува до ризик од инфекции, неудобност и негативни ефекти врз менталното здравје. Вонредната ситуација можеби ќе се пролонгира и во летниот период, а достапноста на производи за менструална хигиена може да се намали. За жал ова е реалност за девојките и жените во маргинaлизираните и сиромашни заедници. Кога жените не се доволно едуцирaни или немаат финансии, тие користат небезбедни материјали, крпи или облека кои се ризични по здравјето“,  укажува таа.

Од Организацијата „Новинари за човекови права“, велат дека побарале, но и се уште бараат, да се намали таксата на менструалните производи. Оттаму велат дека се надеваат дека преку граѓански референдум ќе се издејствува барање за намалување на цената.

„Со новата регулатива на ЕУ, од 2021 година нема да може да се користат влошките за еднократна употреба, поради употребата на пластика и загадувањето“, соопштија тие.

Според Радевска, табуата и молкот доведуваат до деградирање на статусот на жените, самодовербата и развојот на семејството и заедницата. Таа додава дека кризата влијае врз родовата нееднаквост и од аспект на санитација и хигиена.

На прашањата од останатите присутни на предавањето, Фикрија Таир, долгогодишна претставничка од граѓанскиот сектор и поборник за прават на Ромите,забележа дека во време на пандемијата, при подготвување на пакетите за помош, изостануваат хигиенските влошки.

„За време на подготовката на пакетите за помош повеќе се купуваат производи како сапуни, ракавици, гелови за дезинфекција, а најчесто се заборава на хигиенските влошки. Можеби ова треба да се стави на социјалните мрежи за невладините организации да го имаат предвид овој проблем“, предложи таа.

Од „Новинари за човекови права“ велат дека овој проблем повторно е од родов аспект затоа што најчесто оние кои ги подготвуваат пакетите се мажи. Оттаму неколкупати прашале за ваквиот недостаток, но добиле само кренати раменици и изговори.

„Нашата организација започна иницијатива за намалување на ДДВ-то на производите за менструално здравје, а целта е да нема никаква такса. Најпрво ќе започнеме со барање за намалување од 18% на 5%, но пандемијата не спречи да излеземе на улица и да собираме потписи. Засега, како организација успеавме да обезбедиме ученичките од две училишта, едно во Тетово и едно во Ресен, да добиваат месечен пакет со менструални производи до крајот на учебната година“, истакна Наташа Доковска.

На предавањето, се отвори и прашањето за жените во менопауза во време на глобалната пандемија. Од организацијата „Новинари за човекови права“, напоменаа дека нивното мало истражување покажало дека многу малку од жените во земјава Македонија отворено зборуваат за менопаузата, односно само 12% од жените посетиле медицинско лице за да разговараат за менопаузата.

„Дојдовме и до податокот дека ние сме единствената земја во регионот која нема доктор специјалист за менопауза. Се обидовме да најдеме и групи за поддршка, но не наидовме на ниту една таква група“, вели Наташа Доковска.

„Здравјето при процесот на влегување во менопауза треба да се регулира со превенција, советување и третмани. Постојат два вида на терапија, третман со замена на хормони и терапија по пат на диета што вклучува дополнителен внес на калциум, вежбање и откажување од цигари и алкохол. Жените треба да излегуваат во природа, да пешачат по неколку часа на ден“, препорачува Доковска.

Ивана Смилевска