Вчеравечер во библиотеката „Богдан Огризовиќ“ во Загреб беше промовиран хрватскиот превод на збирката раскази „Осмица“ на македонската писателка Румена Бужаровска. Книгата е издание на „Алгоритам“, инаку прв превод од македонски автор на овој издавач. Содржи вкупно осум раскази од кои седум се од „Осмица“, а еден од нејзината претходна книга „Чкртки“.
На хрватските читатели Бужаровска првпат им беше претставена во 2013 година, во зборникот издаден во рамки на „Ревија на мали книжевности: Македонија“, книжевен фестивал кој ги претставува современите автори од земјите во регионот. Зборникот содржи поезија и проза на десет македонски автори од помладата генерација.
Ивица Баковиќ, македонист и промотор на книгата истакна дека Бужаровска е авторка која уште од сега заслужува едно поглавје во историјата на македонската книжевност.
„Таа припаѓа на онаа нова генерација македонски писатели која открива нови патишта, различни од оние на постмодернистите во осумдесеттите и деведесеттите. Расказите ја сецираат македонската реалност, а мене лично ми е омилен ‘Смртта на учителката Станка‘, бидејќи на многу нивоа атмосферата од оваа приказна се прелева и во хрватското општество“, смета Баковиќ.
Приказните се универзални, но сепак во себе имаат локален идентитет, ја имаат таа балканска, односно посттранзициска атмосфера отсликана преку жени-раскажувачи или, пак, во фокусот се женски ликови.
Румена Бужаровска е родена во 1981 година во Скопје. Работи како доцент на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Се занимава со книжевен превод и е автор на збирките раскази „Чкртки“ (Или-или, 2007), „Осмица“ (Блесок, 2010) и „Мојот маж“ (Блесок, 2014), како и на теорискиот труд „За смешното: теориите на хуморот низ призмата на расказот“ (Блесок, 2012).
Е.Д.