Полицијата во Париз употреби солзавец врз демонстрантите, откако изби насилство меѓу дел од граѓаните и полицијата на денешниот протест на „Жолтите елеци“, кои се одржуваат веќе четврти викенд.
Околу 5 илјади демонстранти се собраа во центарот на Париз, додека најмалку 211 лица се уапсени. Главниот град на Франција утрово беше со огромно полициско присуство. Околу 8 илјади полициски службеници и 12 оклопни возила биле поставени во Париз, додека низ земјата имало распоредено околу 90 илјади припадници на полицијата.
Протестите во живо ги пренесува Еуроњуз:
Демонстрантите кои маршираа по главната улица Шанз-Елизе беа спречени да стигнат до строгиот центар од полициски кордон. По неколку конфронтации меѓу граѓаните и безбедносните сили, полицијата исфрлила солзавец во една од споредните улици, пренесува Би-Би-Си.
Новинарката на Ле Монд, Алин Леклерк, преку Твитер информираше дека полицијата утрово вршела претреси на ранците на граѓани и запленувала предмети како шлемови и очила. Таа додала и дека на денешниот протест најголемиот број од присутните биле мажи на возраст од 20 до 40 години, додека жените и повозрасните најверојатно се откажале поради најавите за насилство.
4e contrôle policier depuis ce matin, pr les #giletsjaunes de l’Yonne sur les Champs-Elysées : ouverture des sacs, tout ce qui apparaît comme 1 protection, casque, lunettes, est saisi. « Y’avait pas ces contrôles le 1er decembre. Ça fait un peu peur qd même » dit Jessica, 26 ans pic.twitter.com/0YV5CA72k0
— Aline Leclerc (@aline_leclerc) December 8, 2018
Новинарот на Би-Би-Си, Хју Скофилд, јавува дека демонстрантите се жалеле дека полицијата им ги запленувала и нивните маски за заштита од солзавец.
Движењето „Жолти елеци“ кое почна да протестира пред три недели ги отфрли првите отстапки на владата, меѓу кои, и намалување на даноците за бензините.
Тие соопштија вкупно 41 барање, со кои бараат промена на работното законодавство во корист на работниците и укинување на политиките на штедење, како и ренационализација на јавните служби. Но, платформата опфаќа и општествени прашања, како демократијата и миграцијата.
Протестите на „Жолтите елеци“ ги предизвикаа најголемите нереди во Франција последниве децении. Бројни симболи на градот останаа оштетени од протестите.