По голгота од два и пол месеци, на 15 февруари од ЗОО Скопје, агенцијата Мета.мк пишува дека конечно добиле одговори на прашањата колку животни угинале во скопската зоолошка, кои се причините за смртта на двете жирафи и зошто македонската зоолошка градина го загуби кандидатскиот статус во ЕАЗА.
Претходно, како што објави Мета.мк, ЗОО Скопје 21 ден не давала конкретни одговори на барањата за пристап до информации од јавен карактер, а во врска со прашања што не би требало да имаат одреден степен на тајност, ниту пак да бидат скриени од очите на јавноста.
Според извршената обдукција, Каспер, жирафа стара 13 години, угинала како последица на инфекцијата од бактеријата салмонела естеридис. Инаку, контаминацијата со салмонела се јавува преку консумирање на контаминирана храна како јајца, млеко и месо од живина. Дополнително, според обдукцијата, кај Каспер биле дијагностицирани и паразити во цревата – Capilarija и Trichulis.
Во однос на причината за смрт кај втората жирафа, Флопи, од ЗОО Скопје исто така го добиле наодот од обдукцијата, во кој се тврди дека таа починала како последица на малиген тумор на епителот на жолчните канали во црниот дроб и метастази на белите дробови.
Претходно, Зоолошката градина Скопје во одговорот доставен на 21 декември тврдела дека не може да им ги достави документите на Мета.мк за извршената обдукција на жирафата Каспер и причините за смртта, со тврдење дека „постапката за причините за угинувањето се во тек, а кога одредена постапка е во тек, не може да се даде информација за истата, затоа што би имало штетни последици“.
Откако Мета.мк поднела жалба до Агенцијата за слободен пристап до информации, Зоолошката градина Скопје го доставила одговорот со резултатите од обдукцијата сосема спротивен од првиот. Па така, како што пишува агенцијата, од обдукцискиот протокол од Факултетот за ветеринарна медицина може да се види дека обдукцијата кај жирафата била завршена уште во мај 2023 година и дека „не е во тек“, односно била окончана пред уште 9 месеци.
Во однос на бројот на угинати животни во 2023 година, во образложението на ЗОО Скопје првично стоело дека не можат да дадат одговор бидејќи за дел од животните во тек е постапка за утврдување на причините за смртта.
По поднесената жалба и укажувањето од Агенцијата, произлегло дека всушност бројката на угинати животни не може да биде податок што би требало и може да се скрие.
Па така, од ЗОО Скопје одговориле дека во 2022 и во 2023 година угинале вкупно 18 животни: два волка, златен фазан, две жирафи, тигрица, два лемура, три Пржевалски коњи, еланд антилопа, црн лебед, три пингвини, џуџеста коза, берберска овца и белоглав стрвинар.
Зошто земјава го изгуби кандидатското членство во ЕАЗА?
Иако првично одбила, Зоолошката градина Скопје по укажувањата на Агенцијата за слободен пристап до информации, го достави и дописот од ЕАЗА, со цел јавноста да има увид кои се причините за губењето на кандидатскиот статус на земјава, пишува Мета.мк.
Во дописот стои дека „дополнителните информации дадени во 2022 и во 2023 година довеле до заклучок дека ЗОО Скопје сè уште не ги исполнува стандардите за полноправно членство, во повеќе области“.
„Некои од овие области се безбедноста, образовната сигнализација и планот за едукација, чување на евиденцијата и придонесот за конзервација“.
Според објавата на Мета.мк, ЗОО Скопје може да аплицира повторно за членство во ЕАЗА за пет години. Најмалку во следните две години, Зоолошката градина во Скопје нема да може да учествува во програмите на ЕАЗА за управување со популацијата.
Откако директорот Ѓорги Галетановски даде отказ во 2021 година, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска постави три различни директори во скопската Зоолошка градина. Првиот, Кристијан Стаменов, беше разрешен во јули 2022 година, откако Вистиномер го разобличи колењето коњи во зоолошката за храна за месојадите животни.
По разрешувањето на Стаменов, за в.д. директор беше назначен Драган Илиевски. И тој потоа беше разрешен бидејќи не бил избран од редот на вработените, што е услов за позицијата според статутот на скопската Зоолошка градина. По разрешувањето, тој беше назначен како генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“, а во февруари годинава и оттаму беше разрешен.
Актуелен директор на Зоолошката градина е Зоран Попов, пишува Мета.мк.