Полицијата употреби водени топови и апсеше демонстранти пред парламентот во Израел додека во тек е важното гласање за судските реформи кои предизвикаа револт во земјата, пренесе Би-Би-Си.
Гласањето треба да се одржи по неколкумесечните превирања во кои се случија некои од најголемите протести во историјата на Израел.
Околу 150 големи компании, меѓу кои и банките, денеска не работат во знак на протест.
עוד לא שמונה בבוקר והתחלנו עם המכתזיות, לא משנה איפה אתם בארץ, זה הזמן לעלות לירושלים ולהציל את המדינה pic.twitter.com/zVtdN1Zpdv
— Roee Neuman
(@NeumanRoee) July 24, 2023
Судските реформи имаат за цел да ги одземат правата на судовите, за кои актуелната Влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху смета дека биле преголеми. Критичарите, пак, сметаат дека ваквите реформи ќе ја загрозат демократијата во Израел.
Претседателот Исак Херцог изјави дека државата е во состојба на национална опасност и ги повика политичките лидери да постигнат компромис.
Утрово демонстрантите го блокираа булеварот пред Кнесетот (израелскиот парламент) во Ерусалим, по што беа прскани со водени топови и беа отстранувани од улицата од полицијата. Локалните медиуми пренесуваат дека еден демонстрант бил повреден во пресметката, а полицијата информираше дека шест лица биле уапсени. Додека полицијата ги носеше уапсените демонстранти, граѓани го опколија возилото и извикуваа „срамота“ на полицајците.
Меѓу демонстрантите денеска беа и десетици илјади луѓе кои маршираа 70-тина километри од Тел Авив до Ерусалим. Тие неколку дена пешачеа за да дојдат на протестот со цел да го блокираат усвојувањето на законот, за кого расправата е во тек.
Според предложениот закон, треба да се укине можноста Врховниот суд да укинува одлуки на Владата.
Контроверзните реформи го поларизираа Израел, покренувајќи една од најсериозните внатрешни кризи во историјата на државата.
Стотици илјади граѓани демонстрираа на улиците низ земјата од почетоков на годинава уверени дека овој закон претставува напад врз демократијата. Власта, пак, тврди дека реформите само ќе ја зацврстат демократијата, потенцирајќи дека Врховниот суд имал многу големо влијание врз политиката во последните децении.