Секторот Санитарна контрола на ЈП Водовод и канализација информира дека по извршен вонреден мониторинг на водоснабдителниот систем на градот Скопје кој беше во прекин со водоснабдување вчера (21.12.2024) поради санација, реконструкција и модернизација на градската водоводна мрежа, водата е санитарно исправна и граѓаните можат непречно да ја користат.
„Мониторингот опфати 9 (девет) клучни места и тоа во Автокоманда, Сингелиќ, Маџари, Ново Лисиче, Центар, Драчево, Пржино, Ѓорче Петров и Карпош од каде беа земени примероци од водата за пиење врз кои беше изведено физичко-хемиско и микробиолошко лабораториско тестирање“, велат од претпријатието.
Покрај теренските мерења на рутинските параметри, тестирање било изведено со стандардни методи и јонска хроматографија за физичко-хемиската анализа, како и со полимераза верижна реакција метода за микробиолошката анализа.