За себе велат дека се вонземјани кои потекнуваат од далечната планета „Voca“, а комуницираат преку пеењето, звуците и вокалната експресија. Нивното мото е „Животот е музика и музиката е живот“, а со сензационалниот перформанс и музичката комедија ќе настапат на 1. август во Античкиот театар во Охрид.
Во интервју за Радио МОФ, Лиор Калфо – креатор и директор на шоуто на „The Voca People“ ја раскажува приказната за создавањето на овој невообичаен музички состав, зборува за очекувањата од македонската публика и за неизбежното „вонземјанско“ шоу.
Која е приказната што се крие зад „Voca People“?
„Voca People“ се уникатно шоу. Целата музика е изведена користејќи акапела и битбокс техники за да се созададе звук на оркестар. Првиот клип беше објавен на Youtube пред пет години и стана инстант-сензација. Оттогаш „Voca People“ патуваат низ световите. Шоуто досега го гледале преку милион гледачи, вклучувајќи и година дена нередовни настапи на Бродвеј во Њујорк.
Што ги прави „Voca People“ уникатни?
Тие се една од малкуте вакви изведби во светот што комбинираат акапела пеење и битбокс во театарски рамки. Ова не е концерт, туку целосна музичка комедија со приказна и многу хумор.
Како го создавате шоуто? Како ги избирате песните и има ли конкретен жанр што уживате да го работите?
Шоуто е всушност музичко патешествие низ најдобрата музика што ја имаме овде на нашата планета и големиот диверзитет на жанрови. Од класична до поп музика, од Lady Gaga до Madonna. Шаи Фишмaн, музичкиот директор, и јас заедно ги избравме овие прекрасни песни и теми. Музика од филмови, трибјут на Queen и уште многу други…
Во својата мисија на Земјата дојдени сте со цел да го наполните својот вселенски брод со музичка енергија. Па што ќе направите кога тој ќе се наполни? Дали остануватe на Земјата или ќе продолжите со своите патувања низ галаксијата?
Тоа е приказната на шоуто. Сценариото на шоуто е како „Voca People“ се спуштаат на Земјата и со помош на публиката го полнат својот вселенски брод и се враќаат дома. Вистината е (се смее) дека нивната мисија е да соберат и да мапираат добра музика од различни галаксии. Ние имаме одлична музика на нашата планета, па затоа избраат да имаат турнеја тука.
Каква е атмосферата на нивната планета и (ако остануваат на Земјата) дали тоа значи дека тука е поубаво и уживаат повеќе?
Планетата Вока е многу бела и сета комуникација се остварува преку музика и вокално изразување. Многу е мирно. Планетата земја е многу хаотична, но динамична. Вока луѓето уживаат на Земјата, но имаат порака за луѓето – правете повеќе музика и помалку војна!
Целото интервју може да го слушнете во продолжение:
[Intervju] Petar so Lior Kalfo – Voca People by Radio Mof Music on Mixcloud
Петар Антевски