Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Македонија Пол Волерс во колумна за „Утрински весник“ пишува за важноста на слободата на медиумите.
„Еден медиум што претендира да биде сериозно сфатен, мора да се придржува кон највисоките професионални стандарди и мора да сноси соодветни последици за клевета и навреда, со цел да се заштити приватниот граѓанин. Но, исто така, сметаме дека прекумерни парични казни или недоследна примена на стандардите за клевета неизбежно води кон самоцензура во медиумите и на тој начин го попречува слободниот проток на информации, што е од витална важност за јавноста да биде добро информирана“, пишува Волерс.
Волерс се осврнува и на измените во медиумската легислатива кои во моментов се во процедура во Собранието на Република Македонија:
„Пред да се воведе значајна промена во нешто што е толку важно за слободата на општеството, како што се медиумите, мора да се земат во предвид многу прашања и перспективи; станува збор за сржта на демократијата. Ја поздравуваме Владата на Македонија што минатата пролет не дејствуваше веднаш во врска со легислативата за медиумите, за да даде простор за поголем придонес од граѓаните на Македонија. Треба да се слушне мислењето на сите, бидејќи сите членови на општеството имаат интерес од крајниот исход. Се надеваме дека ќе се земат во предвид сите гледишта и дека крајниот резултат ќе бидат медиуми кои, како што рекол поранешниот сенатор на САД и судија во Врховниот суд, Хуго Блек, ќе постојат “за да им служат на оние со кои се владее, а не на оние кои владеат”, пишува Волерс.
Целата колумна прочитајте ја на веб-страницата на Утрински весник.