Помошник Високиот комесар за заштита при УНХЦР, Волкер Турк за време на својата посета дводневна посета на земјава разовараше со високи владини функционери и гo посети транзитниот центар за бегалци и баратели на азил Винојуг, како и Прифатниот центар за странци Гази Баба.
Како што соопштија од УНХЦР, тој се сретна со владини претставници одговорни за најважните аспекти на одговорот на бегалската и мигрантската криза на државата и дискутираше за предизвиците поврзани со актуелната хуманитарна криза. Исто така, ја пофали земјата за скорешните измени на Законот за азил и привремена заштита и за обезбедувањето основна хуманитарна помош и заштита на повеќе од 720.000 бегалци откако започна кризата.
Помошник Високиот комесар Турк ја потенцира одговорноста на државите да им обезбедат заштита на сите лица на кои таа им е потребна.
„УНХЦР повикува да се зајакнат напорите за заштита на бегалците и барателите на азил, каде и да се во Европа, вклучувајќи и обезбедување на сигурен пристап до барање на азил, кое е основно човеково право, кое мора да се поддржува и почитува. Во исто време, УНХЦР продолжува да ја истакнува потребата за зголемени легални патишта кон Европа и пошироко, овозможувајќи бегалците и барателите на азил да најдат заштита на начин што е остварлив и сигурен, како на пример преку зајакнато преселување и хуманитарен прием, семејно обединување, приватни спонзорства и хуманитарни и студентски/работни визи,” смета Турк.