Со четки и боја во рацете, млади волонтери вчера, го разубавуваа просторот во дневниот центар за развој на ромската заедница „Сумнал“ сликајќи цртежи и шарени мурали по повод Меѓународниот ден на млади.
Акцијата, „Време е за активизам“ во организација на Младинскиот образовен форум (МОФ) преку креативен процес ги сплоти на едно место младите, но и повозрасните од различни културни средини.
За Радио МОФ, тие велат дека процесот на волонтирање и активизам им помага полесно да се запознаат но и да си помогнат едни со други.
„Желбата да помогнам некому е мојата мотивација зошто учествувам денес. После секоја акција се чувствувам исполнето и среќно, бидејќи знам дека сум помогнала некому. Волонтирањето е супер и сметам дека младите во Македонија треба повеќе да се активни и да учествуваат во вакви акции бидејќи само на тој начин може да се направат промени“, изјави волонтерката и членка на клубот за активизам на МОФ, Ива Митовска.
„Дојдов тука со цел да помогнам како секој човек што би требало да помогне. Во Македонија треба да има повеќе волонтерски активности и тој процес потребно е да се развива“, изјави волонтерот Антонио Ивановски.
Семра Бајрам, едукатор во „Сумнал“ вели дека ваквите акции се многу важни бидејќи им даваат мотивација на децата да учат и напредуваат.
„Центарот во Топана има над 120 деца а со нив работат 9 едукатори. Децата што доаѓаат тука пишуваат домашна, им се објаснува материјалот од формалното образование и потоа учествуваат во слободни активности“, изјави Семра и додаде дека за центарот „Сумнал“ има голема заинтересираност но просторот е ограничен.
„Ние водиме и листи на чекање, односно листи на деца кои се заинтересирани да доаѓаат кај нас. Водиме евиденција за секое дете и доколку некој не е редовен подолго време, го заменуваме со дете кое чека на листата“, рече Семра.
Проектиниот менаџер на УСАИД, Тара Калапути вели дека овој центар е многу важен за неформалното образование бидејќи на младите им помага полесно да го совладаат материјалот што го учат во училиште, но и да се активираат на теми што нив им се од значење.
„Неформалното образование е многу важно, особено се важни ваквите центри како ‘Сумнал’, бидејќи сметам дека посебно младите луѓе па и нивните родители, имаат чувство на припадност, одговорност за придонесување назад кон заедницата и желба за креирање на програми кои вклучуваат млади“, изјави Тара.
Нина Мирчевска, менаџер за младинско учество за Радио МОФ вели дека центарот е прибежиште за младите кои сакаат да се дружат и да учат.
„Интересно е тоа што сегашните наставнички се некогашни ученици на овој центар и тоа е една огромна вредност која што ја има овој центар, буквално има пораснато многу млади луѓе кои што сега се враќаат назад и од тука тие образуваат други луѓе. Голем дел од децата кои што се сега тука и нивните родители биле од овој центар така што таа генерациска врска што ја има овој центар треба да се цени и треба да овозможиме и понатаму да биде достапен“, изјави Нина.
Оваа иницијатива е иницирана од МОФ и „Сумнал“ во рамки на проектот на УСАИД за млади кои активно создаваат можности. Покрај овие три организации вклучени се и организацијата Рома Верситас и Центарот за едукација Генијалци.
Симона Паскоска