Со ПХВ шоу насловено „Промоција на различностите“, втора година по ред беше одбележана неделата на промоција на хуманите вредности во град Скопје. Клубот на млади на Црвениот крст од општина Шуто Оризари, синоќа на сцената од Детскиот театарски центар подготви интерена програма составена од повеќе музички настапи, театарска претстава и изведби на младите волонтери од клубот. Шоуто имаше за цел да ги претстави различностите во еден град, и тоа најмногу преку јазикот и културата на младите.
Мануела Демир, волонтерка во клубот на млади на Црвен Крст од општина Шуто Оризари, вели дека целта на оваа претстава е да се пренесе јасна порака за потребата од почитување на разновидноста на културите, но и прака за толеранцијата, дијалог и меѓусебното разбирање.
„Ние сакаме преку ова шоу да ги промовираме различностите преку танцот, музиката , драмата и јазикот. Сметаме дека, постои кај младите голема поделеност пред се поради културата и јазикот. Наместо поделба, сакаме да промовираме единство, сакаме да бидеме пример за другите млади и да им покажеме дека своето време може да го потрошат во хумани цели, дека можат да помогнат кон заедничко обединување во едно мултикултурно, демократско општество“, вели Демир.
Шоу претставата во Скопје е само дел од низата вакви настани кои ќе се случуваат низ целата држава. Потоа ќе биде избрана една целна група која ќе ги прими сите собрани средства од продажбата на сите карти, кои се продаваа по симболична цена од триесет денари.
Волонтерите од Шути Оризари велат дека на овој начин сакаат да покажате колку младите се силни и моќни кога дејствуваат заедно.
Сунаи Сабриоски